Според него, обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ при прибирањето на доказите во случајот со набавката на мазут биле селективни во своето постапување, односно повеќе се потпирале на изјави од некомпетентни лица, наместо да обезбедат релевантни докази за набавката на мазут вредна 167 милиони евра
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски денеска соопшти дека обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ намерно ги изоставиле извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во случајот поврзан со набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во вторникот соопшти дека ја запрело постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ бидејќи во истрагата, која траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.
Истрагата се водеше против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата РКМ, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

На денешната прес-конференција тој рече дека дека во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) постапува тандем кој селективно ги прибира доказите и не ги зема предвид релевантните институционални извештаи.
„По однос на скандалозната одлука на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, мазут вреден 167 милиони евра, може да констатираме дека таму функционира еден тандем. Тандемот се обвинителите Абази и Коларевиќ, кои се нешто како коалиција ДУИ-СДС, но не во собраниските клупи, туку во обвинителството за криминал и корупција“,
рече Милошоски.
Според него, обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ при прибирањето на доказите во случајот со набавката на мазут биле селективни во своето постапување, односно повеќе се потпирале на изјави од некомпетентни лица, наместо да обезбедат релевантни докази за набавката на мазут вредна 167 милиони евра.
Ова Милошоски рече дека може да се забележи и од вчерашниот демант од ЕСМ, кој дополнително укажува на пропусти во начинот на водење на истрагата.
Се повика на наоди на Државниот завод за ревизија (ДЗР) од 2024 година, според кои при набавката на мазут бил испорачуван производ од различен добавувач од оној наведен во договорот меѓу ЕСМ, ТЕЦ „Неготино“ и добавувачот. Дополнително, како што рече, според стручни лица од ЕСМ, мазутот содржел нечистотии што предизвикувале дефекти во мазутната станица на ТЕЦ „Неготино“.
„Може да се заклучи дека биле селективни и не ги ни прочитале извештаите на релевантните органи како што се Државниот завод за ревизија и слични на нив. Државниот завод за ревизија во 2024 година утврдил дека при оваа милионска набавка се испорачувал мазут од различен добавувач од оној којшто бил утврден во договорот на ЕСМ, ТЕЦ ‘Неготино‘ и добавувачот и второ, стручни лица од ЕСМ утврдиле дека мазутот бил со голем број на нечистотии коишто предизвикувале дефекти во мазутната станица на ТЕЦ Неготино“,
кажа пратеникот.
И покрај ваквите наводи, додава дека бил склучен анекс на договорот со кој вкупната вредност на набавката достигнала 167 милиони евра.
„И покрај ваквата утврдена лоша состојба и квалитет на мазутот, сепак ТЕЦ ‘Неготино‘ склучил анекс за да може овој скап договор да ја достигне сумата од 167 милиони евра. Но, очигледно е дека ваквите извештаи на Државниот завод за ревизија не биле забележани од Абази и Коларевиќ коишто поголемо внимание посветувале на изјави коишто им одговараат од некомпетентни лица наместо да ги земат во предвид релевантните извештаи што даваат сериозни индиции дека овој скандал вреден 167 милиони евра е поврзан и со направена штета во ТЕЦ ‘Неготино‘, но исто така и со перење на пари и стекнување на противправна имотна корист“,
рече тој.
Според него, обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ не се соодветни за функциите во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), изнесувајќи сомнежи за нивната непристрасност и професионалност.
„За Абази и Коларевиќ сметаме дека не се достојни на функцијата да бидат во Јавното обвинителство за гонење на криминал и корупција, затоа што и двајцата имаат свои лични, семејни или политички долгови за нивниот кариерен напредок, а истите се поврзани со политичките партии ДУИ и СДС“,
додаде Милошоски.
Посочи и дека постојат индиции дека Абази и Коларевиќ имаат поврзаност со одредени политички структури, при што упати критики кон начинот на кој е водена постапката во случајот со набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
„Овој јавнообвинителски тандем Абази и Коларевиќ повеќе е приврзан за нивните ментори Заев, Ахмети и Венко Филипче отколку што е посветен на владеењето на правото и гонењето на организиран криминал и корупција. Со вакви обвинители осомничените како Васко Ковачевски, Јахоски, Сулкоски, Капушевски, Адријан Муча и други секогаш ќе бидат слободни луѓе, наместо да бидат изведени при лицето на правдата“,
кажа тој.
Повторно го повика Советот на јавни обвинители да го испита постапувањето на Абази и Коларевиќ и да утврди дали имало пропусти во истрагата, за овој, како што додаде миллионски скандал.
Очекува целосно расчистување на случајот, како и дека јавноста има право да ја знае вистината, а сите инволвирани треба да одговараат пред институциите доколку постојат докази за неправилности.
„Истовремено сакаме да им порачаме дека нивната лукративна одлука или политички инспирирано решение да ја запрат истрагата нема да ја сокрие вистината и сите факти поврзани со овој скандалозен тендер ќе излегуваат на виделина. Сакале тоа да го направат или не сакале Абази и Коларевиќ. Сепак мислиме дека јавноста ја заслужува вистината, а секој којшто бил инволвиран и има сомнежи за висок криминал и корупција заслужува да биде процесуиран и својата невиност или вина да биде докажувана пред суд“,
рече Милошоски на прес-конференцијата.
Обвинителката на ОЈО ГОКК, Катерина Коларевиќ, во интервју за „360 степени“, кажа дека една од главните причини поради кои ја прекинала истрагата за случајот „Мазут“ се исказите кои пред обвинителството ги дале претставниците на државната компанија ЕСМ, и тоа само пред два месеци – во март 2026 г. Таа додава дека претставниците на АД ЕСМ, овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ, и претставниците на ТЕЦ „Неготино“, овластени од сегашниот директор на ТЕЦ „Неготино“, на записник во обвинителството изјавиле дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака и дека договорите биле целосно испочитувани.
Од АД ЕСМ веќе најавија приговор до Вишото јавно обвинителство. Тврдат дека во него ќе нагласат дека паушално е спроведено вештачењето на доказите од кривичната пријава.
„Постапувачката обвинителка паушално го спровела вештачењето на доказите од кривичната пријава и неосновано ги искривила исказите на инженерите пратени на барање на Обвинителството за да ги образложат од технички аспект механизмите на спроведување на спорната набавка, како изговор за прекин на постапката. Во овој контекст, јасно укажуваме дека лицата повикани во предистражната постапка не биле ниту овластени ниту компетентни, а најмалку одговорни, да даваат коментари за евентуална финансиска штета. Нивната улога – согласно барањето на Обвинителката – била единствено да ги образложат техничките процеси при набавката на мазутот и реализацијата на планот за производство на електрична енергија во ТЕЦ ‘Неготино’. Видно, од наредбата за запирање на истражната постапка, на овластените технички лица од АД ЕСМ, иако некомпететни во економската област – не им било предочено ниту биле запознаени со вештиот наод и мислење во економската област, иако тој бил составен пред распитот. На вкрстени прашања од правните застапници на осомничените за време на распитот, техничките лица на АД ЕСМ само констатирале дека вкупните количини на произведена ел. енергија заклучно со април 2023 год. одговарала на потрошената количина мазут во ТЕЦ ‘Неготино’ и во тој поглед техничките лица само констатирале дека не била нанесена штета врз планот за производство, без да се елаборира дали потрошената количина била согласно тендерските услови и договорот“,
соопштија вчера од ЕСМ.
Во таа насока, ЕСМ додаваат дека тие технички искази се злоупотребуваат за правдање на обвинителката – дека истрагата е затворена бидејќи немало настаната штета. Наместо тоа, велат од „Електрани“, требало да го добијат вештачењето од економско-финансиската област, за да се произнесат по него.
