Во заедничка операција на американски и нигериски воени сили синоќа во Африка е убиен Абу Билал ал-Минуки, вториот човек на Исламската држава, кого американскиот претседател ги опиша како најактивниот терорист во светот
Трамп не откри детали за тоа кога и каде точно била изведена мисијата, ниту дали имало дополнителни жртви. Исто така, останува нејасно дали американската улога била ограничена само на воздушна поддршка или во операцијата учествувале и војници на терен
Соединетите Американски Држави (САД) и Нигерија во заедничка акција убија еден од водачите на Исламска држава, објави американскиот претседател Доналд Трамп на неговата социјална мрежа Трут соушл, а пренесува Си-ен-ен.

Трамп соопшти дека во заедничка операција на американски и нигериски воени сили синоќа во Африка е убиен Абу Билал ал-Минуки, вториот човек на Исламската држава, опишувајќи го како најактивниот терорист во светот.
Со неговото отстранување, според Трамп, глобалните оперативни способности на ИСИС се значително ослабнати.
„Вечерва, по моја директива, храбрите американски сили и вооружените сили на Нигерија беспрекорно извршија прецизно планирана и многу сложена мисија за елиминирање на најактивниот терорист во светот од бојното поле. Абу Билал ал-Минуки е втор по команда на ИСИС на глобално ниво. Тој повеќе нема да ги тероризира луѓето во Африка, ниту да помага во планирањето операции насочени кон Американци“,
напиша Трамп.
Трамп не откри детали за тоа кога и каде точно била изведена мисијата, ниту дали имало дополнителни жртви. Исто така, останува нејасно дали американската улога била ограничена само на воздушна поддршка или во операцијата учествувале и војници на терен.
Американскиот претседател ѝ се заблагодари на Владата на Нигерија за соработката, што, според светските медиуми, упатува на тоа дека акцијата била спроведена на нигериска територија.
Инаку, во северните и североисточните делови на Нигерија дејствуваат повеќе милитантни групи, меѓу кои исламистичката организација Боко Харам и ограноци поврзани со Исламска држава. Северниот дел на Нигерија граничи со Нигер, земја од регионот Сахел, каде што исто така се активни екстремистички групи поврзани со Исламска држава.
Кој е Абу Билал ал-Минуки?
Ал-Минуки се смета за една од клучните фигури на Исламската држава во однос на организацијата и финансиите, кој планирал напади врз САД. Роден е во Нигерија во 1982 година во североисточната нигериска држава Борно, која граничи со Камерун, Чад и Нигер. Контролата врз огранокот на Исламска држава во Западна Африка ја презеде откако претходниот лидер Маман Нур е убиен во 2018 година.
Екстремистичките групи за надзор тврдат дека Ал-Минуки се борел во Либија и дека бил под санкции на САД од 2023 година.
Ова не е првиот напад што Трамп го наредил врз милитанти на ИСИС во Нигерија, кои ги обвини за прогон на христијаните во западноафриканската земја.
Уште во декември минатата година, Трамп ѝ нареди на армијата да започне напади врз упориштата на Исламска држава во Нигерија. Синоќешната операција е последна во низата тајни мисии во странство што тој ги најави годинава. Меѓу нив се и акцијата за киднапирање на венецуелскиот претседател Николас Мадуро во јануари, како и нападот врз Иран извршен на 28 февруари.
