За време на 16-минутното молчење во знак на сеќавање на жртвите од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, се случи инцидент кога возрасен маж е удрен од автомобил пред Правниот факултет во Белград
По инцидентот, студентите во блокада и граѓани одржаа протест пред зградата на РТС, барајќи да биде објавена снимка од настанот
Пред зградата на Радио-телевизија Србија (РТС) во центарот на Белград вечерва се одржа протест на студентите во блокада и граѓани, на кој го изразија своето незадоволство од начинот на кој јавниот сервис известува за инцидентите што денеска се случија пред Правниот факултет, пренесува Н1.
Собирот е реакција на извештаите за инцидентот во кој возач на автомобил, по расправија со студент на раскрсница пред Правниот факултет, влегува во возилото и возејќи наназад удира во возрасен маж што поминува на пешачки премин.

Настанот се случува за време на 16-минутното молчење во знак на сеќавање на жртвите од уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Протестниот март почна од раскрсницата пред Правниот факултет, а колоната потоа се упати пред зградата на јавниот сервис. Собирот заврши по емитувањето на вториот Дневник на РТС, нешто по 20 часот.
Студентите протестираа со барање РТС да известува објективно, точно и вистинито за настанот кај Правниот факултет.
Инаку, српската полицијата соопшти дека е уапсен возачот, осомничен дека со своето возило удри во повозрасен маж. Од Универзитетскиот клинички центар во Белград соопштија дека повредениот е во добра здравствена состојба.
Според МВР, инцидентот се случил околу денеска на пладне за време на непријавено јавно собирање.
„Со возило ‘опел астра‘, М. С. (1985), кој по вербална расправија со учесници на собирот ја пробил блокадата и возејќи наназад удрил во маж роден 1936 година, кој поминувал на пешачки премин“,
се вели во полицискиот извештај.
Оттаму додаваат и дека на осомничениот му е одреден притвор од 48 часа.
