Од полицијата велат дека за сите регистрирани случаи се преземаат мерки за целосно документирање на настаните, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци до надлежните институции

Четири физички напади и грабеж на училишна екскурзија се регистрирани во полицискиот билтен за едно деноноќие. Во инцидентите жртви се малолетници, а во еден случај употребен е и остар предмет.
Последниот инцидент се случил вчера во основно училиште во Општина Гази Баба, каде 15-годишник влегол во објектот и со остар предмет му нанел тешки телесни повреди на врсник кој учел во училиштето.
Случајот бил пријавен во 14:50 часот, а полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода 15-годишникот кој нападнал со остар предмет. Предметот, велат од МВР, е одземен и по целосното документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Вчера, 52-годишен родител пријавил дека неговата малолетна ќерка на 8 мај околу пладне била физички нападната од нејзина соученичка во двор на основно училиште на подрачјето на Бит-пазар. Инцидентот бил сниман со мобилен телефон од страна на друг малолетник. Училишните служби биле известени и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
За време на еднодневната училишна екскурзија во парк-шумата Гази Баба вчера се случила физичка пресметка. Екскурзијата била за ученици од училиште од Општина Аеродром.
Според пријавата од училиштето, неколку ученици биле физички нападнати од група малолетници, при што на еден од нив му бил одземен и личен накит.
Во полицискиот билтен е регистрирано дека случајот подоцна го пријавил и 47-годишен родител, чиј 13-годишен син и двајца негови соученици биле цел на нападот додека биле на екскурзијата.
Регистриран бил уште еден напад во училиштен двор, но на подрачјето на Општина Аеродром, каде 43-годишен скопјанец пријавил дека неговата ќерка била физички нападната од друга малолетничка која ја познавала. Настанот се случил на 10 мај околу 19:15 часот.
Од полицијата велат дека за сите регистрирани случаи се преземаат мерки за целосно документирање на настаните, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци до надлежните институции.
