Гледано по општини, најголем број станови –193 се продадени во Општина Аеродром, додека најголем вкупен број трансакции се случиле во Општина Центар. Битола предничи во продажбата на куќи, Кочани има најмногу продадено земјоделско земјиште и шуми, а Куманово со градежно земјиште

Пазарот на недвижности во првиот квартал од годинава се карактеризира со намалена активност, покажува најновиот извештај на Агенцијата за катастар на недвижности. Вкупната остварена финансиска вредност на пазарот на недвижности за првиот квартал од годинава изнесува 276,3 милиони евра, што е намалување од 12,4 проценти во споредба со четвртиот квартал лани.
Во извештајот од Катастар се вели дека бројот на продадени станови во првиот квaртал од годинава е намален за 27 проценти, а нивната вкупна финансиска вредност е намалена за 23 отсто.
Сличен е трендот и кај куќите и кај деловните простори, каде продажбата е намалена за 23, односно 11 отсто. Дури и пазарот на закупнини бележи негативен тренд со пад од 15,4 проценти. Единствен исклучок од ова општо намалување е откупот на недвижности од државата, кој бележи енормен раст од 175 отсто.
„Откупот од државата бележи значителен раст од 40 трансакции во четвртиот квартал од 2025 година на 110 трансакции во првиот квартал од 2026 година. Тоа претставува зголемување од 175 проценти, што е најголемата позитивна промена во анализираниот период“,
се вели во Извештајот.
Највисоката постигната цена во овој квартал е евидентирана во Општина Кисела Вода, каде што за стан од само 45 квадратни метри се платени 130 000 евра. Тоа значи дека купувачот платил 2 888 евра за квадратен метар.
Гледано по општини, најголем број станови – 193 се продадени во Општина Аеродром, додека најголем вкупен број трансакции се случиле во Општина Центар. Битола предничи во продажбата на куќи, Кочани има најмногу продадено земјоделско земјиште и шуми, а Куманово со градежно земјиште.
Од општините со најмалку трансакции, Вевчани има една, Арачиново четири, Центар Жупа пет, Новаци и Пласница по шест, а Зрновци осум.
Во регистарот на цени и закупнини во првите три месеци од годинава се регистрирани 712 новоизградени стана, односно станови од инвеститор, што е за 292 стана или – 29 проценти помалку во споредба со четвртиот квартал од минатата година. Во моментов се евидентирани над 28 000 листови за предбележување градба, што укажува на тоа дека голем број објекти се во фаза на изградба и наскоро ќе се појават на пазарот.
Извештајот покажува дека најголем број продажби имало во февруари, а најмногу закупи се направени во март.
