„Тоа е една нова визија за државата каде што сакаме да покажеме дека… Албанците се подготвени сериозно да придонесат оваа држава да биде поразвиена, да создаде добри услови за развој на сите млади во оваа држава“, вели копретседателот на Влен, Биљал Касами

Копретседателот на Влен, Биљал Касами, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, кажа дека новоформираната партија подготвува платформа наречена „Национална агенда 2036“. Фокусот, како што рече Касами, ќе биде на решенија за подобри услови и развој на државата за намалување на иселувањето на младите.
„Тоа е една нова визија за државата каде што сакаме да покажеме дека, како и досегашните решенија, Албанците се подготвени сериозно да придонесат оваа држава да биде поразвиена, да создаде добри услови за развој на сите млади во оваа држава. И во тој правец, ние ќе подготвиме една платформа како гледаме и како ги гледаме Албанците како важен чинител во развојот на оваа држава, и во процесот на евроинтеграции, и во процесот на задржување на младите да не бегаат од оваа држава затоа што гледаме сега овие денови нели циркулира по јавните медиуми изјавата на министерот за транспорт каде што вели дека во моментот на државата и треба 40-50 илјади работна сила од странство. Значи за да не биде таа бројка уште поголема, ние мора да работиме нашите млади да останат тука“,
рече Касами.
На прашањето колку Влен е дел од големите инфраструктурни проекти во државата, Касами вели дека се во тек со со сите големи инвестиции и дека интензивно се работи на целата територија на државата, без поделби по региони.
„Еден од главните напади кога се составуваше новата влада беше дека со доаѓањето на ВМРО сите проекти во западниот дел на државата ќе бидат прекинати и парите ќе биле ориентирани во источниот дел. Што не се случи. Знаеме дека се работи и денеска, владата е на терен за инспекција на работите во делот на Коридор 8, десет пати е зголемен интензитетот на инвестиции долж Коридорот 8 во споредба со периодот пред да дојдеме ние на власт. Исто така, многу брзо ќе се промовира започнување на работите и во делот на автопатот Скопје-Блаце, работиме заедно што побрзо да се објави тендерот за тунелот за патот Тетово-Призрен“,
додава Касами.
