Партијата се залага за нова фаза на децентрализација, во која општините ќе имаат поголеми надлежности, финансиска независност и клучна улога во локалниот развој. Нивната визија подразбира одлучувачка автономија за локалната власт, фискална децентрализација, поголем простор за прекугранична соработка, како и посилна улога на општините во основното и средното образование
Од новиот политички субејкт Влен денеска соопштија дека децентрализацијата и зајакнувањето на локалната самоуправа имаат централно место во нивната политичка програма, нагласувајќи дека општините треба да добијат поголема автономија, финансиска независност и пошироки надлежности.

Оттаму посочуваат дека демократијата започнува на локално ниво, преку секојдневниот живот на граѓаните, услугите што ги добиваат и условите во нивните општини.
„За Влен, демократијата започнува таму каде што граѓанинот го живее своето секојдневие, во општината, во маалото, во училиштето, на улицата што ја користи и во услугите што ги добива. Токму затоа децентрализацијата има централно место во нашата програма“,
се вели во партиското соопштение.
Влен се залага за нова фаза на децентрализација, во која општините ќе имаат поголеми надлежности, финансиска независност и клучна улога во локалниот развој. Нивната визија подразбира одлучувачка автономија за локалната власт, фискална децентрализација, поголем простор за прекугранична соработка, како и посилна улога на општините во основното и средното образование.
„Влен се залага општините да имаат јасни надлежности, средства и право самостојно да одлучуваат за своите развојни приоритети“,
велат од новиот политички субјект.
Како пример за таков пристап, од партијата го посочуваат проектот Тетово–Призрен, кој според нив ќе придонесе за инфраструктурно, економско и развојно поврзување меѓу граѓаните од двете страни на границата.
Во соопштението ВЛЕН упати критики кон претходните власти, обвинувајќи ги дека не воделе грижа за децентрализацијата и дека зад себе оставиле општини со недоволно развиени услуги и инфраструктура.
„Овие што глумат патриоти никогаш гајле немале за децентрализацијата. Беа зафатени со лоповлук. Затоа, каде и да владееја, оставија пустош зад себе, општини без вода за пиење, без развој и без нормални услуги за граѓаните. Албанците ја видоа оваа лага и на изборите ги тргнаа. Тие се веќе минато. “,
додаваат од партијата.
Според ВЛЕН, локалната власт треба да биде носител на развојот и клучен фактор за подобрување на условите за живот на граѓаните.
„Преку својата политичка програма, отвораме ново поглавје за локалната власт. Поглавје во кое општините не се гледаат како плен, туку како институции со вистински надлежности за да им служат на граѓаните“,
велат од Влен.
Петте партии на коалицијата ВЛЕН се споија во еден политички субјект на конгрес што се одржа во саботата во Скопје. На конгресот беше одлучено сега Влен да има двајца претседатели – Изет Меџити и Биљал Касами, како и двајца потпретседатели, Мимоза Муса и Беким Ќоку. Генерален секретар на партијата е Беким Сали.
