Претседателството на Влен го сочинуваат копретседателите Биљал Касами и Изет Меџити, потпретседателите Мимоза Муса и Беким Ќоку и секретарот Беким Сали, сите претставници на различни политички субјекти што во саботата се обединија во една партија

Копретседателот на новиот политички субејкт Влен, Биљал Касами, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето – ако сега се едно, зошто Влен има двајца претседатели, одговори дека досега Албанците особено во Македонија пателе од узурпација на позицијата претседател на партијата.
Според Касами, тоа било случај во неколку партии по што следувале поделби.
„Носени од ваквата реална ситуација, ние веќе се соединивме првично како една коалиција за да работиме долго време, околу две години, и да видиме кој е најдобриот модел за да бидеме заедно, а да се намали опасноста од поделби после тоа. И ова се најде како најдобар пример и модел. Значи, не е само принципот на двајца претседатели, туку генерално – наместо еден претседател, лидер, неприкосновен, кој ги носи одлуките во сите други политички партии, овде имаме претседателство, овде имаме едно колективно тело каде што генерално одлуките ќе се носат помеѓу тие пет членови на тоа тесно претседателство на Влен“,
рече Касами.
Петте партии на коалицијата ВЛЕН се споија во еден политички субјект на конгрес што се одржа во саботата во Скопје. На конгресот беше одлучено сега Влен да има двајца претседатели – Изет Меџити и Биљал Касами, како и двајца потпретседатели, Мимоза Муса и Беким Ќоку. Генерален секретар на партијата е Беким Сали. Овие петмина се дел од претседателството за кое зборува Касами.
Ако се погледне од каде потекнуваат политички, секој од нив доаѓаат од една од петте партии што сега се спојуваат во една. На прашањето дали ова е, практично, санкционирање на поделбата, Касами негираше.

Касами: Напротив, мислам дека е еден модел кој ја пресликува реалноста на тоа што доаѓаме од пет различни структури каде што секоја структура сака да биде дел од носењето на одлуките на идниот субјект. И не е само моделот на двајца претседатели. Нашиот модел на водење, раководење со Влен е покомплексен, каде што одлуките ќе се носат со консензус, а ако не е возможен консензус, четири да бидат „за“ некоја одлука. Така што, ова за нас е некоја заштита од кој било, дали јас, дали господинот Меџити, дали друг во ова тесно претседателство, да се обиде да ја узурпира позицијата.
360°: Претседателството од пет луѓе, овие што ги кажавме, двајцата копретседатели, двајцата потпретседатели и секретарот, ќе се обидуваат одлуките да ги носат со консензус или со најмалку четири гласа.
Касами: Четири спрема еден. И затоа ова е најдобар пример дека во Влен нема да има узурпација на позицијата. Значи, во ситуацијата ако јас не се согласувам со некоја одлука, а другите четири члена на ова тесно претседателство бидат едногласни, тогаш одлуката ќе се донесе. Така што, ова е најдобар пример како ние да имаме политичка партија, субјект кој ќе служи на членовите, ќе служи на граѓаните, ќе служи на Албанците.
360°: Политиката се артикулира и преку изјави. Еве сега вие настапувате во „360 степени“, Изет Меџити некаде на друго место, а вие не можете до збор да имате исти изјави, исти ставови. Која ќе ја сметаме за релевантна, да речеме, за некакви битни теми во општеството?
Касами: Па, се надевам дека нема да има големи, сериозни разлики помеѓу нашите изјави. Но, и да се случи бидејќи сме луѓе, тогаш ќе има официјална изјава координирана од Влен која ќе оди преку ПР-центарот на Влен.
Касами ги оцени своите лични односи со копретседателот на Влен, Изет Меџити, како прекоректни и рече дека имаат меѓусебна доверба.

Касами: Јас можам да кажам дека не само со господинот Меџити кој ќе биде копретседател на Влен, туку и со другите, имаме доверба дека заедно имаме капацитет да работиме, на Албанците и на сите граѓани во Македонија да им понудиме еден нов модел каде што заедништвото ќе надвладее над поделбите.
360°: Како фрагментираноста се обидувате да ја преведете сега во единство подолу во партијата? Како ќе функционира тоа?
Касами: Па, уште еднаш ќе повторам, значи не е ова фрагментирање, туку е соединување. Ние и во едно семејство имаме различни мислења, различни ставови, по различни ситуации. Но, добро функционално семејство е тоа што се разбираат меѓу себе и одлуките што се носат се во интерес на целото семејство. И во рамките на Влен различностите од кои доаѓаме ние ги претопивме во една идеја што е над сите индивидуални ставови и позиции. Затоа ценам дека Влен не е времено здружување на различни индивидуи, различни структури, различни субјекти, туку е една идеја што се бараше долго време кај Албанците во овие 30 години на плуралистички систем каде што Албанците само се делеа, се формираа нови партии, тие партии после некое време се делеа. По првпат во историјата на Албанците во оваа држава, пет политички партии се сплотуваат во еден политички субјект.
360°: Вие сте сведок и учесник и во интеграциите и во дезинтеграциите…
Касами: Па да. Значи, не само јас лично, иако, и лично сум произлезен од такви процеси што исто така беа тешки. И процесот на сооединување на овие пет субјекти во еден исто така беше тежок, но пак ќе повторам, идејата и барањето, потребата на граѓаните да имаат еден силен политички субјект кој ќе ги претставува во едно ново водење на политиката, нов начин како да се служи на граѓаните наместо да се узурпираат позициите и власта, што беше ситуација досега, ние ја прочитавме таа порака, тоа барање на граѓаните и ги надминавме нашите индивидуални ега, и сега сме заедно и можам да гарантирам дека Влен во оваа ситуација ќе биде долгорочно решение за решавање на прашањата што се отворени за Албанците и сите граѓани.
