Паралелно со новиот проект кон Србија, Мицкоски истакна дека интензивно се гради и гасоводот со Грција, кој се очекува да биде во функција во првата половина од следната година

Владата неделава ќе го објави тендерот за изградба на гасоводното поврзување со Србија, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Според премиерот, сите потребни мислења за оваа гасоводна цевка се веќе добиени, што овозможува веднаш да се започне со тендерската постапка.
Паралелно со новиот проект кон Србија, Мицкоски истакна дека интензивно се гради и гасоводот со Грција, кој се очекува да биде во функција во првата половина од следната година.
Тој потсети дека нафтоводот од Солун до Скопје е веќе ставен во функција, што дополнително ја зајакнува енергетската стабилност.
„Кога ова ќе биде завршено, Македонија ќе биде регионален хаб преку кој ќе се поврзуваат Северна со Јужна Европа, Централна Европа со Медитеранот, Јадранското и Јонското Море со Црното Море. Тоа е онаа стратешка предност што ние ја имаме како држава“,
изјави Мицкоски при увидот на автопатот Гостивар – Букојчани.
Покрај ова, премиерот потенцираше дека изградбата на транспортните коридори остануваат приоритет на Владата.
На делницата Гостивар – Букојчани, дел од пакетот на „Бехтел и Енка“, во моментов се работи на 11 од предвидените 31 километар.
Тој најави дека многу скоро ќе може да биде пуштен преостанатиот дел од автопатот Кичево со Охрид.
Исто така, рече дека продолжуваат плановите за модернизација на пругата и воведување брза железница на Коридорот 10.
