Шефот на дипломатијата, во видеообраќање, вели дека Македонија постигнала конкретни резултати во спроведувањето на Реформската агенда, особено во последните месеци, притоа посочувајќи дека земјата е 100 проценти усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што, како што наведува, ја потврдува не само посветеноста на државата кон реформите, туку и јасната стратешка ориентација за членство во Унијата
Проширувањето е императив и за Европската Унија (ЕУ) и за земјите кандидатки, изјави денеска шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски пред почетокот на состанокот на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ во Брисел, со кој претседава високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Според министерот за надворешни работи и надворешна трговија, станува збор за тоа Западен Балкан да престане да биде, како што вели, сива зона на Европа и да се создаде група на држави со јасен и кредибилен пат за членство во ЕУ.
Муцунски, во видеообраќање, вели дека Македонија постигнала конкретни резултати во спроведувањето на Реформската агенда, особено во последните месеци, притоа посочувајќи дека земјата е 100 проценти усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што, како што наведува, ја потврдува не само посветеноста на државата кон реформите, туку и јасната стратешка ориентација за членство во Унијата.
„Нашата порака до земјите членки (на ЕУ) е повеќеслојна. Потребно е да се оттргнеме од билатерализацијата на пристапните критериуми, но и да се засили ангажманот за прашања кои одат и пошироко од самиот процес на проширување, особено во областите на безбедноста и одбраната, економијата и трговијата, енергетската безбедност, безбедноста на храната и дигитализацијата“,
вели Муцунски.

Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во рамките на агендата на Советот ќе дискутира за односите на Европската Унија со Западен Балкан, при што разговорите се насочени кон актуелните надворешнополитички и безбедносни прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на натамошното јакнење на соработката во областа на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, руската агресија врз Украина, како и пошироките регионални последици од актуелните глобални случувања.
