Релативен мир владее во Ормускиот Теснец по повремените воени активности. Техеран до Пакистан го достави одговорот на американскиот предлог за завршување на војната, додека истовремено израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порачува дека војната во Иран не е завршена сè додека не се отстранат залихите на збогатен ураниум

Со војната се постигна многу, но таа не е завршена бидејќи сè уште постои нуклеарен материјал, збогатен ураниум, што треба да се отстрани од Иран, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју за американската мрежа Си-би-ес.
Судбината на збогатениот ураниум што го поседува Иран е едно од клучните прашања во разговорите меѓу Техеран и Вашингтон, чија крајна цел е постигнување траен мир.
Иран со одговор на американскиот предлог
Иран го испрати одговорот на американскиот предлог за мировни преговори за ставање крај на војната, објави иранската новинска агенција ИРНА.
ИРНА пренесува дека одговорот, испратен преку Пакистан како посредник, во оваа фаза е фокусиран на завршување на војната.
По околу 48 часа релативно затишје, кое следуваше по спорадичните судири минатата недела, денеска над неколку заливски земји беа забележани непријателски беспилотни летала. Ова е показател за заканата со која регионот и понатаму се соочува и покрај прекинот на огнот кој трае веќе еден месец.
И покрај тоа, танкерот „Ал Хараитијат“, со кој управува „Катар енерџи“, безбедно помина низ Ормускиот Теснец и се упати кон пакистанското пристаниште Порт Касим. Ова е првиот катарски брод со течен природен гас што помина низ овој клучен морски премин откако Соединетите Американски Држави (САД) и Израел ги започнаа нападите врз Иран на 28 февруари.
Извори претходно наведоа дека пристигнувањето на овој брод, што претставува одредено олеснување за Пакистан по бранот редукции на струја предизвикани од прекинот на увозот на гас, е одобрено од Иран со цел да се изгради доверба со Катар и Пакистан, кои се посредници во војната.
Предлогот што го изнесоа САД формално би ја завршил војната пред почетокот на преговорите за потешките прашања, како што е иранската нуклеарна програма, наведува Ројтерс.
