Иако парадоксално, додава министерот за транспорт, во услови кога низ Европа се најавуваат откажувања на летови, во Македонија во јуни ќе бидат промовирани пет нови дестинации од скопскиот и од аеродромот во Охрид
Министерот за транспорт Александар Николоски уверува дека земјава има доволна резерва на керозин и дека ситуацијата е стабилна. Во моментов, како што вели, има резерви за 90 дена.

„Ситуацијата кај нас е релативно стабилна и добра поради паметното планирање што го правевме претходно. Имаме резерви за 90 дена, законски е за 60 дена. Ситуацијата е стабилна и не очекувам никакви проблеми“,
изјави Николоски во поткастот „Ноќно студио“.
Покрај скопскиот и охридскиот, посочи министерот, со керозин од Македонија целосно се снабдува и аеродромот во Приштина и делумно аеродромот во Ниш.
„Тоа значи дека успеавме Скопје да го направиме центар на четири аеродроми кои се снабдуваат со керозин од тука. Немаме никаков проблем, дури имаме зголемено ниво на трошење на керозин. Одредени авиокомпании ги пуштаат авионите буквално полупразни за да можат да наточат кога ќе слетаат во Скопје, па да продолжат“,
рече министерот за транспорт.
Иако парадоксално, додава Николоски, во услови кога низ Европа се најавуваат откажувања на летови, во Македонија во јуни ќе бидат промовирани пет нови дестинации од скопскиот и од аеродромот во Охрид.
„’Аустриан ерлајнс’ ќе почне да лета Виена – Охрид по првпат, потоа ‘Визер’ ќе почне да лета Краков – Охрид и Вроцлав – Охрид и имаме две одлични летни туристички дестинации од скопскиот аеродром – едната е Палермо – Сицилија, а другата Алгеро – Сардинија. Така што, овие пет линии се отвораат во јуни“,
додава тој.
Во моменти кога европските авиокомпании се соочуваат со недостиг на керозин, Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија како алтернатива најави можност за увоз на гориво за авионите од САД.
