Централната команда на САД тврди дека ги неутрализирала заканите и извршила напади врз иранските воени објекти одговорни за нападите врз американските сили
Централната команда на Соединетите Американски Држави објави дека американските сили во четвртокот пресретнале неиспровоцирани ирански напади и одговориле со одбранбени напади врз воени цели во Иран.

Според соопштението на американската војска, инцидентот се случил додека три американски разурнувачи поминувале низ Ормускиот Теснец кон Оманскиот Залив.
„Иранските сили лансираа повеќе ракети, беспилотни летала и мали пловила кон американските бродови додека транзитираа низ меѓународните бродски линии. Ниедна американска цел не е погодена“,
соопшти Централната команда на САД.
Американската војска тврди дека ги неутрализирала заканите и извршила напади врз иранските воени објекти одговорни за нападите врз американските сили. Меѓу погодените цели, како што се наведува, биле места за лансирање ракети и дронови, командни центри и системи за разузнавање и надзор.
„Централната команда на Соединетите Американски Држави не бара ескалација, но останува позиционирана и подготвена да ги заштити американските сили“,
соопштија вооружените сили на САД.
Во врска со нападот се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп:
„Три американски разурнувачи од светска класа транзитираа многу успешно од Ормускиот Теснец, под оган. Ним не им е предизвикана штета, но голема штета е нанесена на иранските напаѓачи. Како што ги нокаутиравме денеска, така ќе ги нокаутираме многу посилно и понасилно во иднина, ако брзо не го потпишат договорот. Нашите три разурнувачи, со своите прекрасни екипажи, сега повторно ќе се приклучат на нашата поморска блокада, која е навистина ‘челичен ѕид’.“
