Успешен бизнис од кој живеат 30 семејства во речиси иселен дел од земјава е под закана да престане да работи бидејќи државата инсистира да изгради пат до приватна хациенда која на хартија требало да биде болница
Нештата ретко кога се црно-бели, поради што инсистиравме да ги слушнеме двете страни во приказната – компанијата од каде што се жалат и на општината. Како ретко кога во нашето долгогодишно работење, локалната власт одлучи да остане нема
Овој впечатлив објект се наоѓа на територија на Општина Демир Капија. Кога ние бевме таму, во работен ден и во работно време, не видовме жители или посетители.
Според објава на интернет-огласникот „Пазар 3“, која датира од 7 февруари 2024 година, објектот е на продажба. Опишан е како „хациенда“, изградена во бразилски стил.

Претставувајќи се како заинтересирани купувачи, се надевавме дека ќе дојдеме до сопственикот. Дојдовме само до агентка за недвижнини која ни кажа дека објектот е продаден уште пред три години за цена од 4 и пол милиони евра.
Причината поради која се заинтересиравме за објектот е што додека на оглас се продава или се продавал како хациенда, на хартија е нешто друго.

Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, станува збор за објект со намена В2-1. Тоа е ознака за клиники, односно објекти од терцијарна здравствена заштита. Сопственик, во моментов, е лицето Сашо Николовски. Како е можно едно на хартија, а друго на терен?
Земјиштето на кое се наоѓа објектот, Општината Демир Капија го продала преку електронска аукција на 22 февруари 2012 година. Намената уште при продажбата била изградба на објект за здравствена и социјална заштита. Веројатно затоа и се продало за само 120 денари за квадратен метар. Купувачот, со потписот, се обврзал дека ќе го изгради објектот согласно урбанистичкиот план во рок не подолг од 6 години.
Објектот е изграден многу порано пред истекот на рокот, но ниту станал ниту наликува на здравствена или социјална установа.
Овие снимки од локацијата се од пред околу еден месец. Полицајците не се таму за да ја решат мистеријата како болницата станала хациенда, туку да урнат ограда за на нејзино место да се изгради пат. Пат што ќе води до несудената болница.

Оградата која се рушеше таа вечер била изградена во 1958 година, тврди Ристе Димов – човекот кој ги предводеше протестите и кој е сопственик на рибник сместен зад срушената ограда.
„Рибникот постои од далечната 1958 г.. Сè до 2003 година се менуваат неколку сопственици, дури државата е во неколку наврати сопственик преку риболовни здруженија, експериментален топ на пастрмки и така натаму. Сопственици сме од 2003 година“,
вели Димов.
Рибникот „Ројал фиш“, вели Димов, во моментов вработува 30-ина луѓе. Продава риба и рибни производи и дома и во странство.
Изградбата на хациендата, односно патот до неа, се прашање од животно значење и за него и за оние што го вадат лебот од ова место.

„Сите зафати што сме ги правеле, како и систем за рециркулација, градежни делови, инсталации, сме ги правеле во склоп на таа ограда, во склоп на просторот поточно помеѓу оградата и рибникот. За нас како правен субјект, односно како фарма за производство на виножитна пастрмка, изградбата на пристапниот пат до хациендата буквално би значела уништување на нашиот бизнис и уништување на нашата фарма. Зошто? Затоа што во тој простор помеѓу оградата, којашто неодамна беше турната од градежниот инспекторат, и базените за тов на риба, се наоѓа инсталација, подземна инсталација на цевковод, подземна инсталација на кислородна апаратура, односно дифузери за збогатување на таа вода, електрични инсталации“,
додава Димов.
Апсурдот да биде поголем, и државата учествувала во развојот на тие инсталации, преку субвенции од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Проблемот, вели Димов, е поради тоа што во 2011 година се изменил урбанистичкиот план, со кој врз нивните инсталации и базени кои се изградени во границите на оградата на стариот рибник, е нацртан пат кој води до еден и единствен објект – веќе споменатата хациенда, односно несудена болница.

„Се понудивме до државните власти, до локалните власти, до локалната самоуправа на наша иницијатива во независно каква форма би сакале тие, дали тоа би било како донација на општината, дали тоа би било со нивни подготвен проект, а наша изведба, значи како било. Ние да инвестираме во пристапниот пат до хациендата. Ние да го финансираме со наши сопствени средства. Ќе работиме неколку години за таа цел, мислам сè со цел да има иднина овој објект. Бидејќи има историско право за нешто што постои од ‘58-ма, има историско право да егзистира и после нас, за наредни генерации“,
рече Димов.
„360 степени“ се обрати до Општината Демир Капија со повеќе прашања во врска со случајот. Дел беа за околноста дека на државното земјиште продадено за болница денеска има хациенда, дел за спорниот пат. Не добивме одговор и покрај тоа што се обидовме неколку пати.

Но, Општината, сакала-не сакала, ќе мора да му одговори на Уставниот суд. Таму е доставена иницијатива за оценување на легалноста на урбанистичкиот план со кој е вцртан спорниот пат.
Адвокатот Блаже Крчински тврди – спорните измени од 2011 година подразбираат дека во сила бил основниот акт. А тој, според него, не бил.

„Истиот требало да биде усогласен со законските одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање во 2006 година. Меѓутоа тоа не било сторено. Потоа со измените на законот се дало можност на локалните власти да направат измена и дополнување на планот до 2009 година, меѓутоа и тоа не било сторено. А самата измена којашто е актуелна, односно којашто е во сила и којашто општината ја применува е донесена 2011 година. Од таа причина сметаме дека деталниот урбанистички план не може да биде применет бидејќи се базира на акт којшто не бил во правна сила, односно којшто престанал да важи“,
рече Крчински.
Како доказ дека е точно тоа што го говори Крчински посочува и на документ од Министерството за транспорт. Поточно, станува збор за одговор од Транспорт на иницијативата на рибникот од 2017 година, да се смени урбанистичкиот план во кој е предвиден патот.
„Од една страна, при примена на деталниот урбанистички план, односно измената и дополнувањето на општиот акт, општината смета дека актот е во сила и го применува, а од друга страна, постои мислење на… односно известување на Министерството за транспорт и врски во коешто е наведено дека општиот акт, односно актот врз основа на којшто се донесени измената и дополнувањето не е повеќе во правна сила и е неважечки. Па затоа цениме дека во конкретната ситуација општината не може да го спроведе, односно да ја реализира изградбата на патот бидејќи истиот не постои во урбанистичко-планската документација“,
додава Крчински.
Општината, сепак, веќе тргна во спроведување на планот. Неспорен е фактот дека земјиштето за патот е државно, но неспорен е и фактот дека објектите од рибникот на него се легални.
Нејасни се многу работи, но најмногу – зошто меѓу болницата и рибникот, државата ја интересира само интересот на хациендата?
