Мицкоски упати критики и порака до поединци во здравствениот сектор, посочувајќи дека квалитетни услуги не се можни доколку системот се исцрпува одвнатре

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека во наредните месеци граѓаните може да очекуваат ново проширување на позитивната листа на лекови. Тој вели дека владата презема чекори во здравството кои не се спроведувале со децении.
„Очекуваме во месеците кои следат нови убави вести за македонските граѓани со нови лекови кои ќе бидат вклучени на позитивната листа“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот упати критики и порака до поединци во здравствениот сектор, посочувајќи дека квалитетни услуги не се можни доколку системот се исцрпува одвнатре.
Како пример за злоупотреба, тој спомена случаи каде се пишувале дежурства за 31 работен ден во февруари со 24-часовно работно време.
„Здравствениот систем е сериозен предизвик за сите нас. Ако ние континуирано продолжиме да го исцрпуваме, а истовремено очекуваме квалитетни услуги и сервис – тоа е невозможно“,
рече тој.
Според премиерот Мицкоски, владата прави сè за да ги заштити интересите на граѓаните, но потребни се корекции кај поединци и нивното однесување во здравството.
