Оттаму, во тој контекст, прашуваат дали оваа влада сака да ги апси криминалците што се на потерница и осудени во Македонија или не сака, истовремено обвинувајќи дека актуелниот премиер Христијан Мицкоски и партијата што ја предводи продолжуваат да го штитат Груевски давајќи му време за бегство
Опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) преку ново соопштение попладнево повторно побара одговори од Министерството за правда и од Владата за тоа дали се испратени документите за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски и наведуваат дека граѓаните бараат јасен и конкретен одговор на ова прашање.

Социјалдемократите од Бихаќска ги интензивираа прозивките до власта и до надлежното министерство откако победникот на неодамнешните избори во Унгарија и извесен иден премиер на земјата, Петер Маѓар, на прес-конференција по изборите рече дека неговата земја повеќе нема да биде засолниште на светски криминалци, притоа споменувајќи го експремиерот Груевски, кој во 2018 година избега од Македонија и доби азил во Будимпешта.
„Поминат е цел еден месец откако новиот унгарски премиер Петер Маѓар најави дека Унгарија нема да биде сигурна куќа за криминалци и посебно го спомена Груевски. Оттогаш – тишина. Министерството за правда вели ‘документите се комплетираат’. Еден месец документи ‘патуваат’, а сега се ‘комплетира документација’“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Оттаму, во тој контекст, прашуваат дали оваа влада сака да ги апси криминалците што се на потерница и осудени во Македонија или не сака, истовремено обвинувајќи дека актуелниот премиер Христијан Мицкоски и партијата што ја предводи продолжуваат да го штитат Груевски давајќи му време за бегство.
„Граѓаните јасно гледаат: кога станува збор за нивните криминални соработници – тишина и заштита. Кога треба да ѝ се заканува на опозицијата, затоа што СДСМ секојдневно ги открива нивните криминални шеми, тогаш секој ден зборуваат дека ‘имаат чувство’, му наредуваат на обвинителот преку собраниската говорница и преку медиумите што да прави. Така изгледа правната држава под Мицкоски и криминалната група ВМРО. Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста“,
велат од СДСМ.
Од Министерството за правда завчера соопштија дека се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино понатамошно процесирање во врска со случајот со поранешниот премиер Никола Груевски.
Според ресорното министерство, постапките се водат согласност важечките закони и меѓународните договори, како и во соработка со надлежните институции од Унгарија.
Оттаму додадоа дека сите активности се спроведуваат низ институционален процес, без влијание на политички изјави или квалификации, како и дека остануваат посветени на владеењето на правото и почитувањето на правниот поредок.
Соопштението на Правда дојде откако поранешниот премиер и бегалец во Унгарија, Груевски, во неделата се огласи на социјалната мрежа Фејсбук коментирајќи ги подготовките на надлежните за испраќање ново барање за негова екстрадиција по смената на власта во Будимпешта.
Груевски во објавата директно му се обрати на актуелниот министер за правда Игор Филков порачувајќи му наместо да собира информации од судовите за започнување постапка за екстрадиција, да ги истражи, како што наведува, злоупотребите, незаконските постапки и монтираните судски процеси што се воделе против него.
Минатата недела министерот за правда Игор Филков изјави дека се чека формирањето нова влада во Унгарија за да бидат известени тамошните институции дека Македонија е заинтересирана за случајот со Никола Груевски, кој има политички азил.
Сепак, азилот на Груевски не може да се укине преку ноќ, а сè дотогаш не може да биде екстрадиран. Од друга страна, ако се врати, Груевски треба да одлежи десет и пол години затвор за „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека против него се водат и судски постапки во отсуство за случаите „Титаник“ и „Талир 2“ .
