Она што недостига во овој момент, според евроамбасадорот, е малку прагматизам, одлучност и желба за обединување на политичкиот спектар во поглед на ова прашање
Евроамбасадорот Михалис Рокас повика на одлучност и политичка обединетост за да се направи, како што рече, последниот одлучувачки чекор на патот кон Европската Унија, а тоа е да се донесат уставните измени. Во оваа смисла, Рокас рече дека Македонија му припаѓа на европското семејство и дека е поблиску до ЕУ одошто мислиме.

„Во изминатите 20-25 години надежите и ентузијазмот беа високи, но имаше и неуспеси и разочарувања во текот на годините. Прашањето е како можеме да ги надминеме овие прашања и да одиме напред бидејќи нема сомнeвање дека Македонија припаѓа на европското семејство и, всушност, сме многу поблиску одошто мислиме“,
изјави Рокас на конференцијата „30 години на европскиот пат: односите Северна Македонија – ЕУ и патот напред“, во организација на Дипломатскиот клуб – Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Според евроамбасадорот, патот на Северна Македонија кон Европската Унија е одреден уште во 2022 година, кога земјава ја одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ, што, како што рече, значи дека е постигнат договор кој, да беше испорачан, земјава ќе беше „фронтранер“ пред која било друга земја кандидат.
Она што недостига во овој момент, според Рокас, е малку прагматизам, одлучност и желба за обединување на политичкиот спектар во поглед на ова прашање.
„Многу значајно е да се почнат преговорите бидејќи кога ќе почнете да преговарате, тоа го менува моментот, верувањето дека секој е од позиција да ги испорача своите цели. Ако сè уште сметате дека има пречка за вашето пристапување, дека напорите што се прават за тоа да се реши се бавни, тогаш треба да направиме пробив. Проширувањето е политичка одлука, но треба да сфатиме дека времињата значајно се променија. Живееме во ера кога меѓународниот систем базиран на владеење на правото е уништен и кога долгорочните пријателства се ставени под прашање, така што нема сомневање дека ЕУ треба да одговори на овие предизвици ставајќи силен акцент на проширувањето. Нема да дозволиме да има црни дупки на европскиот континент“,
додаде евроамбасадорот.
Рокас порача дека Европската Унија останува со Македонија како нејзин пријател и кредибилен партнер со цел надминување на последната пречка на патот кон полноправното членство.
