Според СДСМ, владејачката коалиција веќе се распаѓа, а пратеници го напуштаат мнозинството. Димитријевиќ смета дека Мицкоски свесно креира вештачки конфликти со Бугарија за „други да му бидат виновни за неговиот неуспех“

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) тврди дека премиерот Христијан Мицкоски најавува предвремени парламентарни избори поради страв од политичките промени во Унгарија и падот на Виктор Орбан.
Генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ, вели дека со поразот на Орбан почнува распадот на криминалната мрежа што со години ја граделе во регионот.
СДСМ тврди дека најавените истраги во Унгарија за сомнителни тендери, енергетски бизниси и медиумски мрежи наскоро ќе го опфатат и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Во Унгарија, рече тој, веќе се најавуваат истраги кои ќе стигнат до Мицкоски и неговиот „голем брат“ Вучиќ.
„Мицкоски брза на избори од страв од истрагите што доаѓаат по падот на Орбан. Кога ќе снема пари за тендери и за полнење џебови, криминалната организација ВМРО веднаш ќе почне подготовки за избори“,
изјави Димитријевиќ.
Генералниот секретар на опозициската партија се осврна и на економската состојба велејќи дека по две години владеење на актуелната власт има неисполнети ветувања.
„Нема повисоки плати. Нема 600 евра минимална плата. Нема мерки за заштита на животниот стандард. Инвестициите се намалени за 60 отсто, македонски работници се отпуштаат од работа, за 4 000 е намален бројот на вработени во индустријата. Мицкоски создаде нов долг од 2,3 милијадри евра врз грбот на народот кој води кон финансиска неизвесност“,
рече Димитријевиќ.
Според СДСМ, владејачката коалиција веќе се распаѓа, а пратеници го напуштаат мнозинството. Димитријевиќ смета дека Мицкоски свесно креира вештачки конфликти со Бугарија за „други да му бидат виновни за неговиот неуспех“.
„Лажниот патриотизам не полни фрижидери и паричници. Не носи повисоки плати, ниту подобар живот. Не отвора европски фондови и не носи иднина за младите“,
кажа Димитријевиќ.
Од СДСМ велат дека се подготвени да ја вратат државата на вистинскиот пат и најавија дека доаѓа време на вистина и правда.
Вчера премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашања поврзани со наводите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека не гледа како Бугарија го негира македонскиот идентитет, рече дека жали што опозициската партија повторно одлучила да коленичи пред туѓи интереси, наместо да застане рамо до рамо со владата за националните интереси.
Мицкоски во одговорот рече дека добра вест е што набргу ќе има избори и после тие избори ќе се случи СДСМ да се маргинализира и оти се надева дека Филипче и „таквите како него засекогаш ќе исчезнат од политиката и ќе дојдат луѓе кои ја сакаат, ја љубат татковината и коишто ќе се борат за оваа држава заедно со оваа влада и со мене“.
