Во извештајот е наведено дека изградбата и реконструкцијата на локални патишта, улици и спортски терени во вредност од околу 1,6 милиони евра се вршеле со сериозни пропусти како изведување градежни работи без одобрение за градење, реконструкција на инфраструктура без одобрен проект, се издавале налози за работа без технички спецификации и цени, а се изведувале и работи што воопшто не биле предвидени во налозите
Не е извршено соодветно евидентирање на имотот на Општина Илинден и не се преземени активности за запишување на правото на сопственост. Изградбата на локални патишта и улици е без одобрение за градење, реконструкцијата на инфраструктурните објекти е без проектна документација, а распределбата на средствата за култура и спорт не е извршена на транспарентен начин.

Ова го имаат утврдено ревизорите при ревизија на финансиски извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Илинден, за 2024 година, каде, како што соопштуваат од Државниот завод за ревизија (ДЗР), утврдени се состојби кои упатуваат на неправилности и неусогласености во работењето на општината.
Во извештајот од ДЗР се наведува дека поради нивното значење е изразено неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметката на основен буџет. Ревизорите изразиле и неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики за сметката на основен буџет.
Ревизијата открива дека сметководствената и даночната евиденција на општината не се усогласени за сума од 648 000 евра. Дополнително општината не утврдила старосна структура на долговите и има неизвесна наплата на побарувања од минати години во износ од над 57 милиони денари.
Се додава и дека побарувањата по основ на надомест за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и за уредување на градежно земјиште се евидентираат по наплатата, наместо во моментот на нивно настанување. Дополнително, констатирале и дека не се евидентирани побарувања за надомест за одржување на јавна чистота, како и по основ на договорна казна за изградба на објекти на неизградено градежно земјиште во сопственост на државата.
Од ДЗР додаваат дека пазарната вредност на недвижниот имот не е соодветно утврдена, податоците во регистарот на недвижен имот не се ажурирани, не се пресметува камата за задоцнето плаќање, не е воспоставен механизам за присилна наплата на данокот на имот додека даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот не се задолжуваат соодветно.
Ревизијата утврдила дека кај договорите за отуѓување на неизградено градежно земјиште во сопственост на државата, од страна на купувачите не се почитуваат договорените рокови за изградба, а до 2023 година не се пресметувале и наплатувале казнени пенали.
Во постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти, констатирале дека не се почитуваат законските рокови, не е постапено по одлуките на Советот за донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти, а за објектите за кои се донесени решенија за одбивање не се преземени мерки за нивно отстранување.
ДЗР наведува и дека на територијата на Општина Илинден се поставува урбана опрема и се врши угостителска дејност надвор од деловните објекти без издадени одобренија, при што не се остварени приходи по основ на комунална такса за користење на просторот.

Исто така и имотот на општината не е соодветно евидентиран и постои неусогласеност на состојбата во повеќе билансни позиции.
За капиталните инвестиции по основ на реконструкција во водоводната, канализациската мрежа и атмосферската канализација, не се преземени активности за запишување на правото на сопственост. Пописот на средствата и обврските не е извршен на начин предвиден во законските и подзаконските прописи.
Во извештајот е наведено дека изградбата и реконструкцијата на локални патишта, улици и спортски терени во вредност од околу 1,6 милиони евра се вршеле со сериозни пропусти како изведување градежни работи без одобрение за градење, реконструкција на инфраструктура без одобрен проект, се издавале налози за работа без технички спецификации и цени, а се изведувале и работи што воопшто не биле предвидени во налозите.
Трошењето на народните пари за култура и спорт исто така поминало без јавен повик и без прецизни критериуми, односно средствата се делеле без транспарентна процедура.
Пропусти се најдени и во административниот дел, каде што се утврдени неправилности при пресметката на платите на службениците за минат труд и за боледувања, како и прекршувања во постапките за доделување договори за јавни набавки.
Од Државниот завод за ревизија веќе се дадени препораки до надлежните лица во Општина Илинден за подобрување на овие состојби и усогласување со законите.
