Увидот, додаваат од Управата, може да се направи на корисничките профили на системот „е-даночни услуги“: https://e-ujp.ujp.gov.mk

Управата за јавни приходи (УЈП) ги повикува граѓаните до крајот на овој месец да направат увид во годишните даночни пријави за остварен приход во 2025 година.
Досега системот на Управата автоматски генерирал 862 896 даночни пријави. Граѓаните ќе бидат известени за ова преку лична порака на својот профил на „МојДДВ“ или преку регистрираната е-пошта.
„Согласно законските одредби, секое физичко лице кое во текот на 2025 година остварило доход има обврска да ја провери и потврди годишната даночна пријава доколку податоците се точни и е опфатен целиот остварен доход за претходната година, да ја дополни со доходот кој не е опфатен или да ја коригира доколку утврди дека некој од износите не е точен“,
велат од УЈП.
Увидот, додаваат од Управата, може да се направи на корисничките профили на системот „е-даночни услуги“: https://e-ujp.ujp.gov.mk.
Оттаму апелираат граѓаните кои оствариле доход во земјава или во странство во вид на пари, хартии од вредност, натура или друг вид доход и сè уште не се регистрирани на системот „е-Даночни услуги“, во најкраток можен рок да го направат тоа на https://www.youtube.com/watch?v=z8hUybb_qXM, за да може да извршат увид во својата ДЛД-ГДП.
Пријавите што нема да бидат потврдени или коригирани во законскиот рок, од УЈП велат дека ќе се сметаат за конечни. Они, пак, што ќе бидат коригирани ќе треба да бидат одобрени од службено лице во УЈП. Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава, од Управата за јавни приходи велат дека ќе донесат решение за утврдување на данокот на личен доход за 2025 година.
Нагласуваат дека обврзниците во чија ДЛД-ГДП се појавува повеќе платен данок, имаат можност во самата пријава да искажат барање за враќање на данокот и да ја внесат својата трансакциска сметка.
Исто така, велат дека доколку граѓаните во 2025 година оствариле доход повисок од 2 000 000 денари по основ на изнајмување деловен простор во земјата, давање менаџерски, правни, економски, инженерски, занаетчиски услуги, давање приватни часови на ученици и студенти, од продажба на земјоделски производи или друг доход кој произлегува од континуирано вршење оданочив промет (http://www.ujp.gov.mk/e/javnost/soopstenija/pogledni/1182), корисниците треба да се регистрираат за цели на ДДВ, или Управата за јавни приходи по службена должност може да ги регистрира како ДДВ-обврзник врз основа на податоците од ДЛД-ГДП.
„Кај обврзниците во чија ДЛД-ГДП се појавува обврска за доплата на данок, по истекот на рокот за потврдување и коригирање, ќе се генерира налог за доплата со фолио број и истиот ќе биде содржан на третата страна во печатењето на даночна пријава (PDF документот)“,
посочуваат од УЈП.
За дополнителни информации околу исполнувањето на обврските за пријавување на доход, плаќање и враќање на данок корисниците може да се обратат на [email protected], или на некој од телефоните во Контакт-центарот: 02 3253 200 или на 0800 33 000.
