Партијата предупредува дека без соодветен закон за контрола на податоците, проектот служи единствено за партиска контрола и следење на опозицијата

Опозицискиот СДСМ ја обвинува власта оти системот „Безбеден град“, наместо да служи за безбедност, станал извор на измами и алатка за политичка контрола. Од партијата велат дека граѓаните веќе се добиваат лажни пораки и „фишинг“ напади поврзани со овој систем.
Според СДСМ, неможноста да се заштитат личните податоци на граѓаните од надворешни напади е доказ дека системот може лесно да се злоупотребува.
„Ако не можат да го заштитат системот од обични измами, замислете што можат да направат кога сакаат да го користат против политички противници, опозиција или несогласни граѓани“,
се вели во партиското соопштение.
Опозицијата го поврзува функционирањето на „Безбеден град“ со брзото укинување на техничката влада. Според нив, на овој начин Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да владеат без контрола и увид во министерствата.
СДСМ тврди дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ сака несметано да го користи целиот систем, без техничките министри од опозицијата да може да влезат во министерствата и да видат какви малверзации, тендери и злоупотреби се прават со парите на граѓаните.
Партијата предупредува дека без соодветен закон за контрола на податоците, проектот служи единствено за партиска контрола и следење на опозицијата.
„Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста“,
велат од СДСМ нагласувајќи дека денешните инциденти со измами се само потврда на нивните претходни предупредувања.
Инаку, денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР) предупредија на зачестена појава на измамнички пораки во кои се бара наводна наплата на глоба за сообраќајни прекршоци.
Според полициското соопштение, непознати лица од странски телефонски броеви им испраќаат пораки на македонски корисници, во кои лажно се тврди дека примачот има регистриран сообраќаен прекршок и се бара негово плаќање преку линк кој води до лажна веб-страница што се претставува како страница на МВР.
