Проф. д-р Соња Новотни во обраќањето пред присутните рече дека признанието за нив не е само личен успех, туку и поттик и обврска да продолжат да работат со уште поголема посветеност, одговорност и љубов кон она што го создаваат во областа на историјата на македонскиот јазик

Проф. д-р Михајло Марковиќ и проф. д-р Соња Новотни се добитници на државната награда „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања во интерес на Република Северна Македонија во областа на науката. Наградата им е доделена за делото „Континуитетот на македонскиот јазик I“ (Приказ на лексиката меѓу Слепченскиот патерник, Огледало и Различна поучителна наставленија).
Дипломите и статуетките со ликот на великанот Гоце Делчев на добитниците им ги врачи претседателот на одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“, академик Живко Попов. Тој рече дека идејата за ова значајно признание е да се наградат и поттикнат научните творци да создаваат нови дела, кои имаа вредност и се од интерес за нашата држава, но истовремено придонесуваат за развојот на науката на меѓународен план.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека денешниот ден не е само датум во календарот на кој му се оддава почит на великанот Гоце Делчев. Денес, посочи министерката, е денот кога македонската држава ја слави моќта на умот, трудот и научната мисла.
Според неа, да се прими ова признание, значи да се застане во истиот ред со првиот добитник Блаже Конески, но и да се преземе одговорноста за иднината.
„Оваа година наградата се доделува за научното дело што се вбројува меѓу оние што анализираат клучни лингвистички прашања за македонскиот јазик и неговиот лексички фонд. Делото ја обработува врската меѓу старите текстови и современиот македонски јазик, односно систематски ја документира неговата еволуција, ги анализира структурата и употребата и ја истакнува неговата улога како носител на културниот и националниот идентитет. Ова дело ја истакнува македонската лингвистика на меѓународната сцена овозможувајќи глобално признавање и вклучување во пошироки лингвистички и славистички истражувања“,
истакна Јаневска и им честита на авторите.
Проф. д-р Соња Новотни во обраќањето пред присутните рече дека признанието за нив не е само личен успех, туку и поттик и обврска да продолжат да работат со уште поголема посветеност, одговорност и љубов кон она што го создаваат во областа на историјата на македонскиот јазик. Таа посочи дека делото претставува прв том од планираните три тома обработен материјал за континуитетот на македонскиот јазик.
Делото, како што рече таа, дава свој придонес во областа на проучувањето на врските меѓу стариот и новиот лексички фонд во македонскиот писмен јазик и кон нови сознанија за речничкиот фонд на македонскиот јазик, како и сознанијата за врските од Кирил Пејчиновиќ меѓу современиот македонски јазик и старословенскиот, односно старомакедонскиот јазик, дава придонес и во областите на историјата на македонскиот јазик, неговата лексикологија и лексикографија, нормативната граматика на македонскиот јазик, а е од значење и за соодветните проучувања во јужнословенската славистика и славистиката воопшто.
