Измамата функционира така што корисниците, по кликнување на линкот оставен во пораката, се упатуваат на лажна страница каде што прво се бара внесување на регистарски таблички, по што се прикажува наводен прекршок и барање за наплата од 1 500 денари
Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност во рамките на Министерството за внатрешни работи (МВР) предупредува на зачестена појава на измамнички пораки во кои се бара наводна наплата на глоба за сообраќајни прекршоци.

Според полициското соопштение, непознати лица од странскиот телефонски број +639606963624 им испраќаат пораки на македонски корисници, во кои лажно се тврди дека примачот има регистриран сообраќаен прекршок и се бара негово плаќање преку линк кој води до лажна веб-страница што се претставува како страница на МВР.
Од Министерството објаснуваат дека измамата функционира така што корисниците, по кликнување на линкот оставен во пораката, се упатуваат на лажна страница каде што прво се бара внесување на регистарски таблички, по што се прикажува наводен прекршок и барање за наплата на глоба од 1 500 денари.
„Апелираме до граѓаните да бидат претпазливи и да не веруваат на пораки кои доаѓаат од нелегитимни веб-страници ниту да внесуваат лични податоци или податоци од платежни картички“,
се вели во полициското соопштение.
Оттаму додаваат и дека граѓаните и правните субјекти не треба да отвораат сомнителни линкови или прикачени документи во прилог на пораки што доаѓаат од непознати испраќачи, со цел да избегнат интернет-измами и злоупотреби.
