„Наидов на атмосфера во која навистина можам целосно да ги изразам сопствените ставови, слободна сум да дискутирам“, вели членката на Судскиот совет во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

Свесна сум за поставеноста и начинот на носење одлуки во Судскиот совет (СС) – не ми е сеедно, но не е ниту фрустрирачки, вели членката на СС, Сузана Јошевска-Анастасовска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето колку е фрустрирачки за неа кога индивидуалноста останува во сенка на ставот на мнозинството. Јошевска-Анастасовска, која на оваа позиција дојде како адвокатка, вели дека краток период е дел од ова тело за да каже дали донела правилна одлука кога ја прифатила кандидатурата, но и дека досега немало ден да почувствува каење.
„Јас сум навистина среќна што во овие четири месеци се отворија темите и што разговараме за темите, без оглед каква е крајната одлука. Тоа го гледам како процес. Некои теми ги разговараме во конструктивна дебата и за тоа сум навистина благодарна од сите членови. Наидов на атмосфера во која навистина можам целосно да ги изразам сопствените ставови, слободна сум да дискутирам. Атмосферата е таква што седниците се јавни, може и јавноста да го цени моето делување“,
вели Јошевска-Анастасовска.
На прашање дали има реакции од колегите што понекогаш освен тоа што како гласање или став ќе го каже на седница, се случува да напише и пост на социјалните мрежи, Јошевска-Анастасовска вели – убавината на колективното тело е да се слушнат различни ставови.
„Некогаш можеби доаѓам со енергија која е преинтензивна и со некои различни ставови. Сепак, ние сме вкупно сега во моментот 12, има уште 11 членови покрај мене што имаат навистина и различен бекграунд и различни ставови во однос на работите. И тоа е можеби и убавината на колективното тело – да се слушнат различни ставови и оттаму мислам дека треба и мојот да го слушнат, како што и јас го слушам нивниот. Да, можеби не се согласуваат со сè што правам, па дури и надвор од работата, но мислам дека сè е тоа во една добра атмосфера и корисна дебата за да тераме понатаму“,
додава таа.
За тоа како се случи таа да биде предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за член на Судскиот совет, Јошевска-Анастасовска вели – верувам поради професионалното искуство.

Јошевска-Анастасовска: Јас сакам да верувам дека тоа беше еден логичен след на моето професионално делување 20 години во адвокатура, и тоа на судски предмети, и мојот јавен ангажман во последните десетина години, кои најверојатно претседателката ги има забележано и сметала дека ќе дадат особен придонес во ова тело.
360°: Се познававте ли со претседателката претходно?
Јошевска-Анастасовска: Само професионално. Јас сум уживала во дискусии со претседателката и како професорка и како пратеник.
360°: Ви предавала?
Јошевска-Анастасовска: Да, ми предавала и сум полагала кај неа. Но, и во последниве години, кога беше пратеник во Собранието, таа беше дел од просторијата во комисијата каде што се одвиваа интервјуата за членови и претседател на Државната комисија за спречување корупција. И го следеше моето интервју, дури поставуваше прашања. После тоа имавме и можности да разговараме и секогаш кога сум била со неа во иста просторија, сум сакала да разговарам, бидејќи сметам дека навистина е полна со знаење и за мене тоа било уживање. Но, најверојатно било двострано, биле двострани тие впечатоци. А во една прилика, го изразив мојот цврст став и убедување дека во Судскиот совет е добро да влезе адвокат. Тогаш воопшто не се однесуваше на мене, зборував општо и беше многу месеци пред ова да се случи. Па, можеби тие работи исто се поврзале кај неа… сепак таа најдобро знае. Но, според тоа како го бранеше предлогот во Собранието и како се постави во однос на предлогот јас да бидам член, претпоставувам дека овие биле сите нејзини мотиви.
