„Да беше жив, Гоце Делчев сигурно ќе се бореше против оваа криминална група на власт на чело со лажниот патриот Христијан Мицкоски“, рече лидерот на СДСМ одговарајќи на новинарски прашања по свечената богослужба по повод одбележувањето на 123-годишнината од смртта на македонскиот револуционер
Премиерот креира вештачки непријатели за да не ги направи потребните уставни измени – изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, коментирајќи ја изјавата што претходно денеска ја даде премиерот Христијан Мицкоски дека не очекува подобрување на односите со соседна Бугарија поради, како што рече, одредени структури во земјава кои се подготвени да коленичат пред бугарските власти.

„Тој креира вештачки непријатели како Грците, Бугарите бидејќи тоа е начинот на кој тој човек владее со својата пропаганда. Тоа се измислени непријатели и лажна пропаганда со која владее Христијан. Ги обвинува противниците за тоа што самиот го прави“,
изјави Филипче одговарајќи на новинарски прашања.
Лидерот на СДСМ вели дека со уставните измени, со кои вистински треба да започнат реформите и да се откочи евроинтегративниот процес, не се загрозува ништо. Вистинската причина поради која власта не сака да ги спроведе, како што оцени, е бидејќи не сака земјава да оди напред во Европа.
„Лага на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски е тоа што го кажуваат бидејќи не сакаат земјава да оди напред во Европа, не сакаат вистински реформи, сакаат да го контролираат судството и да ги партизираат сите институции. Не сакаат тука да дојде европското обвинителство, да има независни обвинители, затоа што така треба да одговараат прво луѓето околу него, а потоа и тој самиот“,
вели тој.
Филипче ги даде ваквите изјави по свечената богослужба по повод одбележувањето на 123-годишнината од смртта на Гоце Делчев. Во овој контекст, говорејќи за македонскиот револуционер, рече дека неговото име се злоупотребува од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која се претставува како негов наследник.
„Делчев се бореше против неправда и туѓинска власт. Денешното ВМРО се бори за тендери, заштита на криминалци и за бугарски пасоши во џебовите. Делчев се бореше за слободна и праведна Македонија. Денешното ВМРО ја претвори државата во плен, а граѓаните во заложници на својата корупција и власт. Да беше жив, Делчев сигурно ќе се бореше против оваа криминална група на власт на чело со лажниот патриот Христијан Мицкоски“,
рече лидерот на СДСМ.
