„Овде повеќе прашањето е зошто Судскиот совет дозволил и низ годините наназад и сега да не се поправи таа слика дека одлуките не се носат таму“, коментира членката на Судскиот совет

Членовите на Судскиот совет се одговорни за сопствените ставови и каде тие ги градат одлуките – тоа е индивидуална одговорност на секој посебно, вели Сузана Јошевска-Анастасовска, членка на Судскиот совет во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето – каде се носат одлуките – дали во Судскиот совет или надвор од него. Јошевска-Анастасовска, која пред помалку од четири месеци беше избрана за членка на ова тело, вели дека нејзиното искуство покажало оти одлуките се носат на седниците, но не негира дека впечатокот во јавноста е поинаков.
„Мојот став го градам исклучиво врз основа на тоа што ќе биде пред мене дадено како пријава, како документи, она што го имам како правна логика, она што го имам како познавање од правото и сопствени лични ставови градам исклучиво на база на сопствениот интегритет. Но, овде повеќе прашањето е зошто Судскиот совет дозволил и низ годините наназад и сега да не се поправи таа слика дека одлуките не се носат таму. Јас немам такви сведоштва, но можеби е вистинско време да почнеме да работиме на поправање на таа слика, бидејќи бевме сведоци на едно минато време кога дискутабилните одлуки не можеше никако поинаку да се протолкуваат освен дека можеби се резултат на нечии влијанија од страна“,
вели Јошевска-Анастасовска.
Во однос на прашањето за носење и приспособување на одлуките на Судскиот совет и пресудите на судиите според очекувањата на актуелната извршна и законодавна власта, Јошевска-Анастасовска вели дека е потребна поголема транспарентност за промена на перцепцијата кај јавноста дека одлуките се носат под политички притисок и влијанија.
360°: Феномен за кој јавно и гласно се коментира е феноменот на т.н. „сончогледи“ или приспособување на одлуките на Судскиот совет и на пресудите на судиите кон интересите и очекувањата на актуелната извршна и законодавна власт. Па, членови во Судскиот совет избрани во мандатот на едно мнозинство, коишто додека тоа било на власт гласале во интерес на таа власт, кога ќе се смени власта, ќе се приспособат на другата власт или – се вртат како сончогледот кон сонцето. Зошто таков впечаток?
Јошевска-Анастасовска: Тоа е прашањето – зошто таков впечаток. Одговорот на ова прашање не лежи во негирање дека навистина се создава таков впечаток во јавноста. Најверојатно е оставен предолго и прешироко празен простор каде што наративот го креирале други. Мислам дека во периодот што следува и кога јас ќе бидам во Судскиот совет, многу ќе се занимавам со тоа ние да го водиме повеќе наративот отколку да дозволиме тоа да го прави јавноста, а тоа сепак мора да се направи преку поголема транспарентност и поголема јавност, каде што јавноста треба да ни биде навистина сојузник.
