Како што пренесе Телма, законското решение изготвено од АХВ, а усогласено со Ветеринарната комора, Ветеринарниот факултет, министерствата за животна средина и локална самоуправа, како и ЗЕЛС и здружението „Анима мунди“, било проследено до надлежното Министерство за земјоделство од каде рекле дека до нив ништо не е стигнато и покрај тоа што од АХВ велат дека е доставено на 9 април

Решавање на проблемот со напуштањето на домашни миленици, нивно неконтролирано размножување и трговија се дел од измените што ги предвидува предлог-законот за заштита и благосостојба на животните.
Со измените предвидено е и зголемување на паричните казни за несоодветно чување или предизвикување болка на животните. Измените кои ги предвидува предлог-законот за заштита и благосостојба на животните, а за кои денеска објави телевизија Телма, предвидуваат казна од 400 евра за несоодветно чување и шетање на куче, а до 5 000 евра ќе се казнува за предизвикување болка, страдање или повреди, мачење, сурово и нехумано однесување и убивање на животните.
Новиот законски текст носи неколку промени што се однесуваат на сопствениците на миленици.
„На сопственикот кој ќе го напушти својот миленик трајно му се забранува држење на миленици, а се забранува и неконтролирано размножување, продажба и давање на подарок домашни миленици“,
се вели во член 4 од предлог-законот кој го цитира телевизијата.
Забрането ќе биде и постојано држење на куче на ланец или во затворен простор без да му се овозможи слободно движење барем еднаш во денот.
Дел од забраните се и дека зашеметување, колење или усмртување на животни за ритуални цели нема да бидат дозволени.
Во предлог-законот регулирана е и задолжителната стерилизација на домашни кучиња, а има и забрана за продажба и давање на подарок домашни миленици од нерегистрирани одгледувачи.
Се вели дека одгледувачниците пред да го направат тоа ќе мора новите легла да ги пријават кај ветеринар, но и кому ги дале. Една мачка или кучка нема да смее да има повеќе од едно легло годишно.
„Регистрираните одгледувачи на куче од денот на влегувањето во сила на овој закон во период од пет години немаат право на размножување на нестерилизираните миленици односно немаат право за репродукција на нови единки“,
се вели во член 66 од предлог-законот.
Предвиден е и нов концепт на третман на бездомните животни, односно да се формира Центар за трајно згрижување, сместување и посредување при вдомување на напуштени и бездомни животни, но и сместување кај привремени вдомувачи.
Исто така, ќе има и регистрација на пансиони за миленици, продавници, одгледувачници, а освен инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) должност да вршат контроли на спроведува на законот ќе имаат и Државниот комунален инспекторат, општинските комунални инспектори на градот Скопје, но и Министерството за внатрешни работи.
Како што пренесе Телма, законското решение изготвено од АХВ, а усогласено со Ветеринарната комора, Ветеринарниот факултет, министерствата за животна средина и локална самоуправа, како и ЗЕЛС и здружението „Анима мунди“, во рамки на Работната група за стратегија и управување со популацијата на бездомни животни, било проследено до надлежното Министерство за земјоделство на почетокот од април.
Сепак, од таму рекле дека до нив такво предлог-решение не е стигнато и покрај тоа што од АХВ велат дека е доставено на 9 април.
Од АХВ рекле и дека од вторник почнуваат и со презентација на предлог-законското решение во осумте плански региони и дека прв е Полошкиот.
