Пратеничката на СДСМ, покажувајќи фотографии од собраниската говорница на денешната седница за пратенички прашања наведе оти има индиции дека локацијата каде што е уапсен директорот на Инспекторатот за земјоделство е поврзана со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Конкретно дека апсењето било извршено во подземните гаражи на објектот каде што живее министерот
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од собраниската говорница низ насмевка ги коментираше наводите на Петровска наведувајќи дека станува збор за тези кои се поблиски до научна фантастика отколку до реалноста, посочувајќи ѝ на пратеничката дека како на дама и поранешен носител на раководни функции не ѝ доликува да изнесува ваква груба дезинформација
Пратеничката од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, на денешната собраниска седница пратенички прашања се наврати на еден неодамнешен случај, актуализирајќи го повторно преку прашање поставено до министерот Панче Тошковски.

Во однос на случајот, станува збор за апсењето на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, кој на 19 март беше фатен и уапсен како прима мито од 50 000 евра. Петровска во прашањето до министерот за внатрешни работи изнесе сомнежи за селективно постапување и прикривање детали од полициската акција со цел да се избегне потенцијална одговорност на повисоко ниво, која води до актуелени членови на Владата.
Пратеничката на СДСМ, покажувајќи фотографии од собраниската говорница, наведе оти има индиции дека локацијата каде што е уапсен директорот на Инспекторатот за земјоделство е поврзана со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. Конкретно дека апсењето било извршено во подземните гаражи на објектот каде што живее министерот.
„Имаше едно скромно соопштение, јас повеќе би рекла срамежливо, немаше многу детали, освен дека е уапсен (директорот на Државниот инспекторат за земјоделство н.з) заради примање поткуп во висина од 50 000 евра. Потоа не чувме ништо дополнително, никакви објаснувања и така натаму. Но, една фотографија која беше објавена, а е од чинот на апсење, тоа е оваа фотографија овде, беше објавена на порталите, на медиумите, всушност ја откри вистината која Министерството за внатрешни работи сакало да ја скрие.
Ако внимателно се погледне оваа фотографија, која намерно или ненамерно е направена поприлично тесно, односно заднината да не се гледа многу, меѓутоа некој што знае, шепнал, ја шепнал локацијата каде таа фотографија е направена. Па од поширок агол се гледа многу поубаво. Што е заедничко за овие две фотографии? Првата од апсењето, долу, овде, речиси покрај возилото има едни ознаки. На истата оваа фотографија ги има истите тие ознаки што потврдуваат дека е истата локација“,
рече Петровска.
Локацијата, како што посочи таа, никогаш не била откриена во јавноста.
„Дали намерно или ненамерно, таа е локацијата во подземни простории, гаражи, кои водат до домот на министерот за земјоделство. Каква случајност. Доказ за тоа е овој имотен лист кој потврдува дека на оваа локација, на улица ‘Матеја Матевски’ во Скопје, на истата адреса стан има и министерот за земјоделство. Тоа никогаш не беше кажано ниту во прес-конференциите ниту во соопштението.
И оттука, моето јасно прашање до вас е: дали вие или некој друг свесно и намерно во Министерството за внатрешни работи ја прекина операцијата, односно го уапси директорот пред тој да ги достави парите токму до министерот за земјоделство? ‘И брат да е, ќе одговара’, така велевте, па сега да видиме“,
рече Петровска, поставувајќи го прашањето.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, од собраниската говорница низ насмевка ги коментираше наводите на Петровска наведувајќи дека станува збор за тези кои се поблиски до научна фантастика отколку до реалноста, посочувајќи ѝ на пратеничката, дека како на дама и на поранешен носител на раководни функции не ѝ доликува да изнесува ваква груба дезинформација.
„Јас вас ве ценам како дама, како жена којашто била на високи раководни позиции во минатото, како жена којашто се грижела за безбедноста на државата и во една и во друга институција и навистина, со еден збор можам да кажам, ниски се овие обиди за дефокус на јавноста во насока во која вие цените дека треба да дефокусирате“,
рече Тошковски.
Претходно, во истиот контекст, тој кажа оти мора да признае дека иновативноста на СДСМ во креирањето тези што се поблиски до научна фантастика од ден на ден е на сè повисоко ниво, но, како што додаде, нивно право е во демократски парламент да поставуваат прашања какви што ценат дека треба, а врз основа на кои народот ќе ги цени нив.
„Не сакам да нарушувам приватност на било кого, за разлика од вашето прашање кое го поставивте, јас ќе бидам таинствен и ќе кажам дека во предметниот објект живеат, согласно информациите коишто ги добив 30 секунди откако ми го поставивте прашањето, многу сегашни и поранешни функционери“,
рече Тошковски.

Во врска со тоа зошто директорот на Државниот инспекторат бил уапсен на таа локација е затоа што таму ги примил парите од митото.
„Значи, повторувам уште еднаш на предметната локација е извршено преносот на финансии од страна од едно на друго лице, Лицето кое што сме го уапсиле е сегашен функционер од сегашната владејачка гарнитура, не е од поранешна, не можете да кажете дека сме апселе само поранешни функционери, сега, еве, апсиме и сегашни, односно го спроведуваме законот неселективно за секој еден којшто ќе добиеме информации со докази, ин флагранти фатен сегашен функционер. Многу поранешни ги уапсивме, ќе апсиме и во иднина многу поранешни и сегашни функционери коишто ќе се обидат на сметка на македонските граѓани да си го полнат своето чекмеџе, незаконито. Друго не знам што да ви одговорам. Уште еднаш да ви честитам на инвентивниот пристап во начинот на свртување на вниманието на јавноста коешто сепак сметам дека не наликува на една дама како што сте вие“,
рече Тошковски одговарајќи на прашањето од собраниската говорница.
Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, беше уапсен на 19 март поради примање мито за да ѝ овозможи на фирма да увезе стока, која и претходно ја внесувала во државата.
Според деталите што ги сподели тогаш МВР, осомничениот Анакиев од сопственикот на фирмата побарал поткуп од 100 000 евра за да овозможи увоз на стока која наводно имала забрана за влез во земјава бидејќи не ги исполнувала законските прописи.
Но, со цел увозот да се изврши непречено, на сопственикот на фирмата, кој во соопштението на МВР е наведен како оштетено лице, му биле побарани 100 000 евра, што требало да ги предаде во три наврати.
Поткупот требало да биде даден на три рати, односно првично оштетеното лице требало даде износ од 50 000 евра, додека во преостанатите два наврати по 25 000 евра.
