Оттаму оценуваат дека Љатифи е именуван на чело на ова стратешко државно претпријатие, врз семејна (како братучед на Изет Меџити) и политичка основа, и донел одлуки што нанеле директна штета врз јавниот интерес и вовеле компанија поврзана со Додик во критичната енергетска инфраструктура на држава членка на НАТО
Демократската унија за интеграција (ДУИ) бара итна истрага против генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, по меѓународна арбитражна одлука со која државата е задолжена да исплати шест милиони евра отштета.

Од партијата тврдат дека Љатифи ја раскинал постојната договорна обврска со компанијата „Енергоинвест“ од Сараево и ја заменил со „ЕЛНОС БЛ ДООЕЛ“ од Бања Лука, компанија која, како што се вели во соопштението, е поврзана со деловни интереси блиски до Милорад Додик.
„Меѓународниот трибунал ДАБ, кој постапува според правилата на ФИДИК, ги отфрли сите барања на МЕПСО во вредност од 19,3 милиони евра и признал право на обесштетување на ‘Енергоинвест’ во износ од шест милиони евра, средства кои треба да се исплатат од државниот буџет“,
велат од ДУИ.
Оттаму оценуваат дека Љатифи, инаку братучед на Изет Меџити, е именуван на чело на ова стратешко државно претпријатие, врз семејна и политичка основа и донел одлуки што нанеле директна штета врз јавниот интерес и вовеле компанија поврзана со Додик во критичната енергетска инфраструктура на држава членка на НАТО.
ДУИ бара од Јавното обвинителство итно да покрене кривична постапка против Љатифи за злоупотреба на службената положба и оштетување на буџетот, како и целосна ревизија на сите договори склучени за време на неговиот мандат.
Исто така, се бара и суспензија на договорот со „ЕЛНОС БЛ“ додека целосно не се расчистат околностите.
„Шест милиони евра од државниот буџет се цената на политичките именувања и врските со Додик. Бурим Латифи мора да одговара“,
се вели во партиското соопштеие.
Во прилог на реакцијата, партијата приложува и документација, како доказ за склучен договор меѓу МЕПСО и компанијата „ЕЛНОС БЛ ДООЕЛ“.
