Претседателот на Одборот на бранителите, Марин Најдов, во обраќањето истакна дека по 25 години сè уште нема соодветно обележје што ќе сведочи за нивната жртва
Со минута молк, полагање цвеќе и пригодна комеморативна програма, денеска беше одбележана 25-годишнината од масакрот кај Вејце, во кој на 28 април 2001 година се убиени осум припадници на македонските безбедносни сили. Комеморацијата, во организација на Одборот на бранителите, се одржа на местото Бреза, меѓу селата Селце и Вејце на Шар Планина, каде што во 2001 година во заседа беа нападнати и убиени припадници на Армијата и полицијата.

Пред спомен-плочата со имињата на загинатите цвеќе положија претставници на Одборот на бранителите, Министерството за одбрана, Армијата, Министерството за внатрешни работи, политички партии, здруженија на бранители, припадници на безбедносните сили, навивачки групи и граѓани.
Претседателот на Одборот на бранителите, Марин Најдов, во обраќањето истакна дека и по 25 години местото останува нем сведок на еден од најтешките злосторства од конфликтот во 2001 година.
„На овој ден, во доцните попладневни часови, со однапред подготвена заседа беа нападнати и ѕверски убиени осуммина бранители од патролата. Денеска сме тука да им оддадеме почит на оние кои со својата жртва се вградија во поновата историја на Македонија. Тие ни оставија аманет да ја чуваме Македонија и да ја градиме како попросперитетна држава за сите што живеат во неа“,
рече Најдов.
Според него, и по четврт век остануваат отворени прашања за тоа што точно се случило, додавајќи дека конечниот одговор ќе го даде историјата.
„Едно е сигурно – врз осумте убиени бранители беше извршен еден од најсуровите злосторства во 2001 година. Ваков чин не е забележан на друго место во тој конфликт. И по 25 години, овде сè уште нема соодветно обележје што ќе сведочи за нивната жртва. Се надеваме дека еден ден правдата ќе биде задоволена“,
кажа тој.
Во масакрот кај Вејце, на 28 април 2001 година, загинаа четворица припадници на армиската единица „Волк“ и четворица припадници на полицијата од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Битола: Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).
