Пешевски упати критики и до инвеститорите и работодавачите, за кои рече дека во 21 век делот од безбедноста и здравјето при работа го гледаат како трошок, а не како инвестиција во своите вработени

Во просек секој ден има повреден работник и 20 случаи со фатален крај во текот на годината. Овој податок денеска го истакна претседателот на Синдикатот за градежништво и потпретседател на Сојузот за синдикати на Македонија (ССМ), Иван Пешевски.
Според него, бројките покажуваат дека денешниот Меѓународен ден за безбедност и здравје при работа не е за славење.
„Ако се прашувам лично јас како прв човек на Синдикатот за градежништво, не би славел, туку би молчел на денешниот ден, а од утре натаму секој ден би се борел за работниците – како прво и основно човеково право да отидат, да ги извршат своите работни задачи и живи да се вратат дома“,
рече Пешевски.
Тој вели дека и денешните бројки се од статистиката што ја влечат во текот на годините.
Вели дека треба да се подобри законската регулатива, но и примената од страна на Државниот инспекторат за труд од чии надзори кажа дека не се задоволни.
Пешевски упати критики и до инвеститорите и работодавачите, за кои рече дека во 21 век делот од безбедноста и здравјето при работа го гледаат како трошок, а не како инвестиција во своите вработени.
Тој потсети дека, во согласност со најобичните полиси што ги плаќаат работодавачите, 99 отсто од случаите се со 10 000 евра отштета за траен инвалидитет и 5 000 евра за човечки живот.
Пешевски вели дека надзорот на градилиштата, без разлика дали се работи за нискоградба или високоградба, е тотално недоволен. Тој побара одговорност за последниот трагичен случај во населбата Кисела Вода каде што загина работник, повторувајќи дека Државниот инспекторат за труд мора да биде поажурен во примената на законите.
„Секојдневно имаме пријави во Сојузот на синдикатите за повреди од работен однос, меѓутоа и за повреди и несреќи при работа. Бројката што ја имаме како статистика за повреди со фатален крај треба да биде нула и не треба за нас да биде ништо поважно од тоа да немаме загинати работници“,
рече Пешевски додавајќи дека треба да се подобри делот на примената на законите и контролата врз инвеститорите и работодавачите.
Тој истакна дека Синдикатот превентивно дејствувал и правел обука на вработените и секогаш апелирал – доколку луѓето наидат на ризик, да ја избегнат таквата работа – да не ја прифатат.
Денеска од Здружението за заштита при работа рекоа дека лани биле евидентирани 131 случај на несреќи при работ, а од овие случаи, како што се наведува во извештајот, 31 биле со смртен исход.
