„Сѐ би дал да можам да го вратам моето дете и мојата сопруга“, рече меѓу другото обвинетиот Стојанче Јовановски во своите завршни зборови пред Судот. Тој ги отфрли делата што му се ставаат на товар, тврдејќи дека ниту ја поттикнал ниту ја охрабрил својата сопруга да се самоубие. Ги оспори и наводите дека ѝ нанесувал телесни повреди на Ивана, тврдејќи дека дел од нив биле нанесени од Мартин Саздов
Обвинителството бара максимална затворска казна, а одбраната ослободителна пресуда за Стојанче Јовановски – сопругот на Ивана од Скопје која на 2 март годинава почина по пад од балкон заедно со нивната малолетна ќерка. Јовановски е обвинет за три кривични дела – телесна повреда, односно повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.
Во завршните зборови на денешното рочиште, обвинителката Адела Бојчевиќ рече дека од исказите на членовите на семејството, психијатриското вештачење, медицинската документација, аудиоснимките и другите докази се дава јасна слика за континуираното насилство и контрола на кои била подложна Ивана пред насилно да си го одземе животот. Живеела во постојан страв, контрола и чувство на безизлезност.

„Оштетената се наоѓала во материјална зависност од обвинетиот, без да има обезбедено живеалиште за себе и своето дете, а обвинетиот бил свесен за тоа и го користел за заканување дека ќе ја остави без покрив на главата и без детето. Оштетената, токму поради стравот, ги повлекувала претходните пријави, иако од доказите произлегува дека настојувала да го заштити домот и своето дете“,
рече обвинителката Бојчевиќ во своите завршни зборови.
Во однос на обвинетиот Стојанче Јовановски, обвинителката рече дека според медицинското вештачење, кај него не постои душевно заболување кое би ја намалило одговорноста, туку доминирале потребата од контрола, манипулативност, недоволна самодоверба и сомничавост.
„Предлагам Судот да изрече казна во рамки на законскиот максимум која ќе ја одрази тежината на делата и потребата од превенција од семејно насилство. Обвинителството бара максимална казна за сите три кривични дела поради пораката дека физичкото и семејното насилство може да убива исто како и физичката сила“,
истакна обвинителката.
На ставот дека дејствијата на обвинетиот не биле изолирани инциденти, туку каузално поврзани настани што кулминирале на 2 март годинава, е и адвокатката Неда Чаловска, која ги застапува оштетените.
„Да, тој не ја турна Ивана физички, но ја донесе до работ и ја одзеде секоја причина да не скокне“,
изјави адвокатката Чаловска, додавајќи дека присилното одземање на станот, заканите дека ќе биде избркана од домот и ќе ѝ биде одземено детето, ја довеле жртвата до состојба на постојан страв и несигурност.
Адвокатот Давор Ангелевски, кој е бранител на обвинетиот Стојанче Јовановски, побара ослободителна пресуда за својот клиент со образложение дека приложените докази во постапката се контрадикторни, изјавите на сведоците се претежно посредни, а не непосредни, а не е докажан ниту каузалитетот на настаните на критичниот ден.
Во своите завршни зборови, обвинетиот Јовановски ги отфрли делата кои му се ставаат на товар, тврдејќи дека ниту ја поттикнал ниту ја охрабрил својата сопруга да се самоубие. Ги оспори и наводите дека ѝ нанесувал телесни повреди на Ивана, тврдејќи дека дел од нив биле нанесени од Мартин Саздов.
„Да се земат изјавите на сведоците со претпазливост, бидејќи со пристрасност и контрадикторност даваат различни изјави за настани на кои не биле присутни. Јасно се изјаснија дека се во роднинска врска со Ивана и дека не се во добри односи со мене. Сѐ би дал да можам да го вратам моето дете и мојата сопруга и цело побарување што го имаат мајката и братот без проблем, бидејќи материјалното не ми значи ништо“,
рече обвинетиот Стојанче во својот завршен збор.
