„Во свет каде што влијанието на главните глобални актери расте, Западен Балкан не може да остане сива зона. Стабилноста, безбедноста и просперитетот на Европа се директно поврзани со целосната интеграција на овој регион“, вели претседателот на Собранието
Проширувањето треба да остане процес базиран на заслуги, но да не биде попречен од краткорочни политички пресметки. Aко стандардите се исти, тогаш и третманот треба да биде ист, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши, на меѓународната конференција „Западен Балкан во вртлогот на новата геополитика на безбедноста“, во рамките на „Третиот меѓународен состанок на пријателите на Западен Балкан“ во Љубљана, организирана од Nizami Ganjavi International Center.

„Да бидеме искрени дека земјите од Западен Балкан денес се во многу аспекти подобро подготвени од некои земји што се зачленија на претходните бранови на проширувањето. Оваа реалност заслужува да се препознае во политичкото одлучување и да се одрази во пофер пристап. Во овој случај, Западен Балкан не е периферија што треба да се остави да чека, туку дел од Европа што се стреми да се комплетира“,
вели Гаши.
Тој верува дека похрабaр пристап би бил непосредната интеграција на сите шест земји од Западен Балкан како заеднички пакет.
„Колку побрзо станеме дел од ЕУ, толку побрзо ќе се консолидираат демократските стандарди, ќе се зајакне владеењето на правото и ќе се решат билатералните прашања што во моментов го попречуваат напредокот. Историјата на самите европски земји покажа дека интеграцијата е најефикасниот инструмент за помирување и стабилност“,
додава Гаши.
Во обраќањето, претседателот на Собранието, како што информираат од собраниската прес-служба, ја нагласил стратешката важност на проширувањето на Европската Унија, како и посветеноста на нашата држава на унапредување на реформската агенда и евроатлантската интеграција.
Тој потенцира дека во време кога нашиот континент се соочува со сложени геополитички предизвици, дискусијата за проширувањето на Европската Унија оди подалеку од прашањето за европската иднина. Денес, како што кажа, повеќе од кога било, проширувањето претставува доказ за политичкиот карактер на Европа.
„Република Северна Македонија, од својата независност во 1991 година, јасно ја дефинираше својата стратешка ориентација кон евроатлантската интеграција. Оваа политичка цел не е случаен избор, туку е длабоко врежана во темелите на нашата државност“,
рече Гаши.
Сепак, додаде тој, нашиот пат во оваа насока не беше линеарен и беше проследен со искушенија кои честопати ги надминуваа самата логика и критериумите на процесот за членство.
„Како што знаете, билатералните прашања оставија длабоки траги во темпото на нашата интеграција. И сепак, ние избравме дијалог наспроти конфликтот и компромис наспроти стагнацијата“,
додава тој.
Надвор од предизвиците, посочи претседателот на Собранието, покажавме политичка волја и ретка храброст за решавање на тешките спорови, вклучувајќи го и историскиот компромис со Грција преку Преспанскиот договор, како и сегашните напори за надминување на предизвиците со Бугарија.
Претседателот на Собранието во своето обраќање рече дека денес се соочуваме со двоен предизвик: од една страна, замор од проширување во рамките на Европската Унија, а од друга страна, замор од стагнација кај земјите кандидати.
„Овој јаз во кредибилитетот ризикува да создаде ’постојана чекална’, што не само што ги обесхрабрува реформите, туку и ја поткопува довербата на граѓаните во европскиот проект, што за мене е поопасно“,
нагласи тој.
Во овој контекст, посочи дека е „важно да се биде искрен за две прашања: Дали ЕУ навистина сака проширување? И, колку е вистинската волја на земјите членки за проширување?“
„Можеби, надвор од декларациите, време е да се постават подиректни прашања. Не само колку напреднале земјите кандидати во процесот, туку и колку е ЕУ способна да се справи со својата подготвеност да ги прифати? Бидејќи проширувањето, во суштина, е договор за доверба што бара одговорност и храброст од двете страни“,
рече тој.
Според него, неспорна стана и геополитичката димензија на проширувањето.
„Во свет каде што влијанието на главните глобални актери расте, Западен Балкан не може да остане сива зона. Стабилноста, безбедноста и просперитетот на Европа се директно поврзани со целосната интеграција на овој регион“,
вели Гаши.
Вистина е, вели претседателот на Собранието, дека нашите предизвици како земји кандидати се реални и добро познати – владеењето на правото, борбата против корупцијата, независноста на институциите, слободата на медиумите.
„Но, подеднакво е вистина дека овие реформи не можат да преживеат во вакуум на надежта. Реформите имаат потреба од кредибилитет, а кредибилитетот се гради кога трудот и напорот се наградуваат“,
додава тој.
Како што соопшти собраниската прес-служба, настанот се одржува во присуство на истакнати политички и институционални личности од Европа, регионот и пошироко, вклучувајќи поранешни шефови на држави, високи претставници на ЕУ, како и специјални пратеници за Западен Балкан.
