Најголемиот дел од смртните случаи биле мажи – 26, а пет биле жени. Во однос на возраста, најмногу починати биле лица меѓу 25 и 34 години

Сто триесет и две несреќи при работа биле евидентирани минатата година се наведува во извештајот што по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април го објави Македонско здружение за заштита при работа.

За најголемиот дел од повредените работници – 23 во извештајот нема старосна граница, а кај возраста меѓу 35 и 44 години имало 20 повредени. По 19 и 18 повредени имало во старосната граница меѓу 45-54 и 55-64 години.
Од овие случаи, како што се наведува во извештајот, 31 биле со смртен исход. Најголемиот дел од смртните случаи биле мажи – 26, а пет биле жени. Во однос на возраста, најмногу починати биле лица меѓу 25 и 34 години.

Преработувачката индустрија е сектор со најмногу несреќи каде лани имало 33 случаи. По неа се градежништвото со 15, јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување – 12. Несреќи биле евидентирани и кај дејности на домаќинства како работодавачи и кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби каде имало 11 случаи.

Од Здружението посебен осврт во извештајот имаат дадено на трагични настани кои ја одбележаа годината, вклучително и на пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Според нив, овој настан дополнително ја нагласил важноста од доследно почитување на прописите за безбедност, управување со ризици и ефективен инспекциски надзор.
„Токму затоа, анализата на повредите треба да ја користиме како алатка за учење, а не за критика. Веруваме дека секоја несреќа може да се спречи со правилно планирање, соодветна обука и постојана будност“,
велат од Македонското здружение за заштита при работа.
Оттаму порачуваат дека безбедноста и здравјето при работата не се избор, туку обврска.
„Секој работник има право да се врати дома безбедно, а секој работодавач има должност да го обезбеди тоа“,
додаваат од Здружението.
