Право на глас за изборот на ректор имаат членовите на факултетите и институтите на УКИМ кои се запишани во Единствениот избирачки список, што го утврди и објави Универзитетската изборна комисија (УИК). Резултатите од тајното гласање треба да бидат објавени до вечер, по што следува тридневен рок за приговори по резултатите
Наставно-научниот кадар при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје денеска од 12 до 14 часот ќе гласа за избор на нов ректор на УКИМ. Гласањето е тајно, а изборот е помеѓу актуелната ректорка на УКИМ и професорка на Економскиот институт, Биљана Ангелова, и Дарко Данев, редовен професор на Машинскиот факултет.

Тие се кандидираа на огласот за ректор на Универзитетот за мандатниот период од 16 септември 2026 до 15 септември 2029 година.
Право на глас за изборот на ректор имаат членовите на факултетите и институтите на УКИМ кои се запишани во Единствениот избирачки список, што го утврди и објави Универзитетската изборна комисија (УИК).
Резултатите од тајното гласање треба да бидат објавени до вечер, по што следува тридневен рок за приговори по резултатите – од 29 април до 5 мај. Предвидени се и термини за евентуално прегласување, заедно со рок за приговори и нивно разгледување, а на 14 мај ќе бидат објавени конечните резултати од изборот на ректор.
Минатата недела на веб-страницата на УКИМ беа објавени програмите за работа на двајцата кандидати за ректор и нивните биографски и библиографски податоци.
Проф. д-р Дарко Данев, поранешен декан и актуелен професор на Машинскиот факултет, во својата кандидатура најавува визија за модерен и меѓународно конкурентен универзитет, со фокус на дигитализација, подобрување на квалитетот на наставата и поголема поврзаност со индустријата.
Актуелната ректорка Биљана Ангелова, која функцијата ја презеде во септември 2023 година, во изминатиот период работеше на дигитализација на студентските услуги, како и на интернационализација и модернизација на наставните програми, со цел зголемување на видливоста на УКИМ на меѓународната академска сцена.
