„Полицискиот службеник ќе може веднаш да изрече итна мерка за заштита на жртвата, односно сторителот да го отстрани од домот, да му забрани приближување и да му забрани контакт со жртвата. Мерката ќе се изрекува веднаш, без согласност од жртвата, и ќе важи до 48 часа, по што Судот ќе ја потврди, укине или продолжи до 30 дена“, вели министерот за внатрешни работи
Паралелно со законските измени, како што додаде, МВР работи и на воведување „боди-камери“ за полициските службеници, со цел интервенциите да бидат прецизно документирани и да се намали можноста за различни толкувања на настаните
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави законски измени со кои полициските службеници ќе добијат ново овластување веднаш да изречат итна мерка за заштита при семејно насилство, вклучително и отстранување на сторителот од домот, забрана за приближување и забрана за контакт со жртвата.
На денешната надзорна расправа во собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Тошковски истакна дека семејното насилство предолго било третирано фрагментирано, со задоцнета реакција и без суштинска координација меѓу институциите.

„Семејното насилство е едно од прашањата по кои најјасно се гледа колку навистина функционира системот, особено таму каде што државата треба навреме и суштински да ги заштити најранливите“,
рече тој.
Посочи дека во периодот од 2018 до 2025 година биле регистрирани над 44 700 случаи со елементи на семејно насилство, односно во просек по 15 пријави дневно. Во истиот период биле евидентирани над 8 500 кривични дела, повеќе од 2 900 прекршоци и над 33 000 поплаки.
Според Тошковски, ова е проблем што со години бил јасно видлив и во институционалната пракса, но и во статистиката и предолго се третирал фрагментирано со задоцнета реакција и без суштинска координација меѓу институциите.
„Во таа статистика има и 42 убиства, 24 убиства во обид и 192 тешки телесни повреди. Ова не е проблем што е создаден вчера, ова е проблем што со години се таложел во системот што предолго реагирал откако насилството ќе ескалира, наместо тогаш кога првите сигнали јасно покажувале зголемен ризик. Да се затворале овие слабости порано, денес ќе имаше помалку простор жртвата да се изгуби во институционалните лавиринти“,
кажа Тошковски.
Министерот истакна дека клучната новина во законските измени е воведување итна полициска мерка што ќе може да се изрече веднаш, врз основа на проценка на ризик и утврдена непосредна опасност.
„Полицискиот службеник ќе може веднаш да изрече итна мерка за заштита на жртвата, односно сторителот да го отстрани од домот, да му забрани приближување и да му забрани контакт со жртвата. Мерката ќе се изрекува веднаш, без согласност од жртвата, и ќе важи до 48 часа, по што Судот ќе ја потврди, укине или продолжи до 30 дена“,
појасни Тошковски.
Тој нагласи дека мерката е во согласност со Истанбулската конвенција и претставува суштинска промена во начинот на институционално постапување.
Паралелно со законските измени, како што додаде, МВР работи и на воведување „боди-камери“ за полициските службеници, со цел интервенциите да бидат прецизно документирани и да се намали можноста за различни толкувања на настаните.
Министерот оцени дека полицијата има клучна улога бидејќи најчесто е првата институција што доаѓа во контакт со жртвата, но нагласи дека без брза реакција од центрите за социјална работа, обвинителството и судовите, системот не може да обезбеди целосна заштита.
Според него, иако се направени одредени поместувања, и понатаму постојат слабости во координацијата меѓу институциите, нејасно поставени надлежности и недоволно ефикасни реакции.
„Реално е да се каже дека се направени одредени поместувања, но и понатаму постојат слабости кои се манифестираат во координацијата помеѓу институции, во нејасно поставени надлежности и во ситуации кога реакцијата е формално навремена, но суштински недоволна“,
кажа Тошковски.
Додаде и дека според податоците од март, системот почнува да покажува знаци на подобрена реакција, а институциите конечно почнуваат посериозно да го третираат овој, како што рече, сериозен општествен проблем.
