Според неа, политичката стабилност е суштински фактор за напредок во односите меѓу Скопје и Софија, посочувајќи дека без стабилни влади и институции е тешко да се води сериозен и одржлив меѓудржавен дијалог
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска изјави дека е подготвена за комуникација и идни политички разговори со Бугарија, нагласувајќи дека стабилни институции и политичка легитимност се клучни предуслови за суштински дијалог меѓу двете држави.

Одговарајќи на новинарски прашања за можноста за нова комуникација со Софија во контекст на политичките промени во Бугарија, Сиљановска-Давкова рече дека веќе остварила контакт со поранешниот бугарски претседател, Румен Радев (чија партија на последните парламентарни избори во земјата освои најголем број пратеници – вкупно 131, што значи дека има апсолутно мнозинство во 240-члениот парламент и можност самостојно да формира влада) и дека меѓусебно изразиле подготвеност за разговори.
„Добро го познавам господинот Радев, убедена сум дека ќе биде успешен премиер, како што беше претседател. Се разбира дека го контактирав, и со порака и усно поразговаравме. Изразивме подготвеност за разговори. Мислам дека само тој би можел автентично да одговори што може понатаму да се направи, или, пак, премиерот“,
кажа таа.
Според неа, политичката стабилност е суштински фактор за напредок во односите меѓу Скопје и Софија, посочувајќи дека без стабилни влади и институции е тешко да се води сериозен и одржлив меѓудржавен дијалог.
„Фактот што таму има стабилна влада зад која стои големо мнозинство граѓани, покажува дека постои можност да се разговара со легитимен претставник на народот. Со нестабилни влади, тоа е многу потешко беше тоа да се зборува“,
рече претседателката.
Претходно таа изрази очекување дека Радев како иден премиер ќе ја искористи поддршката од граѓаните и своето долгогодишно политичко искуство во насока на надминување на проблемите со кои се соочува Бугарија.
