Опозицијата обвинува дека зад проектот за ископ на антимон стојат блиски соработници и донатори на ВМРО-ДПМНЕ и велат оти локалната власт треба да им остави на граѓаните сами да одлучат дали рудникот треба да се активира
Од опозициската СДСМ и денеска упатија остри критики до премиерот Христијан Мицкоски и владејачката партија, обвинувајќи ги дека форсираат отворање на рудник за антимон во Крива Паланка исклучиво заради лични и партиски бизнис-интереси. Според социјалдемократите, носители на овој контроверзен проект се директни донатори и блиски соработници на ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека грижата за здравјето на граѓаните останува само декларативна.
Оттаму предупредуваат дека рудниците за антимон и литиум се вбројуваат меѓу најопасните за животната средина. Партијата потсетува на лошите искуства од минатото, особено на еколошката катастрофа во овој регион кога анализите пред една година покажале присуство на тешки метали, цијанид и други токсични материи во Крива Река во концентрации десетици пати над дозволеното.
„Пред една година анализи покажаа дека концентрацијата на тешки метали, цијанид и други токсични материи во Крива Река беше десетици пати над дозволеното. Дали граѓаните сакаат да се препуштат на чувствата на Мицкоски дека сè ќе биде во ред, или сакаат сами да одлучат?“,
велат оттаму.
Порачувајќи дека бизнисот не може повеќе да биде главна тема на штета на јавното здравје, од СДСМ велат дека ќе застанат на страната на жителите на Крива Паланка. Како и во минатото, така и денеска, упатија директен повик до градоначалникот Сашко Митовски кој доаѓа од нивните редови итно да распише референдум, преку кој граѓаните на Крива Паланка ќе го искористат своето демократско право сами да донесат одлука дали сакаат рудник за антимон во својата општина.
