„Премногу време потрошено на патувања, премногу работа! Освен тоа, има огромни внатрешни борби и конфузија во нивното ‘лидерство’. Никој не знае кој е надлежен, вклучувајќи ги и нив. Исто така, ние ги имаме сите карти, тие немаат! Ако сакаат да разговараат, сè што треба да направат е да се јават“, пишува Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп го откажал патувањето на американската делегација во Исламабад на разговори со Иран.
„Тукушто го откажав патувањето на моите претставници кои одат во Исламабад, Пакистан, за да се сретнат со Иранците“,
напиша Трамп на Трут сошал.
Во објавата тој вели дека премногу време е потрошено на патувања и оти им кажал на Стив Виткоф и Џаред Кушнер дека нема „да летате 18 часа за да стигнете таму, ние ги држиме сите карти во раце“.
„Премногу време потрошено на патувања, премногу работа! Освен тоа, има огромни внатрешни борби и конфузија во нивното ‘лидерство’. Никој не знае кој е надлежен, вклучувајќи го и нив. Исто така, ние ги имаме сите карти, тие немаат! Ако сакаат да разговараат, сè што треба да направат е да се јават“,
додаде тој.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, вчера изјави дека Виткоф и Кушнер ќе отпатуваат за Пакистан за да слушнат што имаат да кажат Иранците.
Во меѓувреме, иранските медиуми објавија дека шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи по средбите со началникот на пакистанската армија Асим Мунир и со премиерот Шехбаз Шариф, заминал од Исламабад.
Арагчи наведе дека во Исламабад ги објаснил принципиелните позиции на својата земја, но детали од разговорите со пакистанските претставници не се познати.
Шариф средбата со Арагчи ја опиша како „многу топла и срдечна размена на мислења за моменталната регионална ситуација“.
Тој на платформата Икс објави дека разговарале и за прашања од заеднички интерес, вклучително и понатамошно зајакнување на билатералните односи помеѓу Пакистан и Иран.
Претходно денеска агенцијата Ројтерс објави дека американскиот претседател во телефонско интервју рекол оти е убеден дека Иран подготвува конкретна понуда насочена кон исполнување на барањата на Соединетите Американски Држави, притоа најавувајќи ново продолжување на мировните разговори со посредство на Пакистан.
Иако Трамп призна дека сè уште не е запознаен со деталите на иранската понуда, тој потврди дека Вашингтон активно комуницира со врвот во Техеран. Запрашан со кого точно преговараат САД, претседателот кратко одговори дека не сака да открива имиња, но дека преговорите се водат со луѓето што во моментов се на власт.
