Министерството за здравство распиша тендер за набавка на сто возила со надградена медицинска опрема, чија цел е да се покријат потребите на руралните средини и да се модернизира системот за брза интервенција
Министерството за здравство, постапувајќи по заклучок од седница на Владата, официјално ја објави јавната набавка за сто нови амбулантни возила, а новите возила, како што кажа министерот за здравство Азир Алиу, ќе бидат опремени со надградена медицинска опрема и ќе бидат дистрибуирани до јавните здравствени установи низ целата држава.

Министерот за здравство Алиу вели оти оваа набавка значително ќе го унапреди капацитетот на здравствениот систем за одговор при итни состојби, а според него, новите возила ќе овозможат побрза и поефикасна интервенција преку навремен транспорт на пациентите до соодветните здравствени установи.
„За возилата е предвидена надградена медицинска опрема. Со тоа што ќе се распределат во установите низ државата, обезбедуваме подобра покриеност во сите подрачја, а особено во руралните средини“,
се вели во соопштението.
Вкупната проценета вредност на оваа капитална инвестиција изнесува 461 250 000 денари, односно околу 7,5 милиони евра, додека, пак, од ресорното министерство информираат дека во моментов тече законскиот рок во кој заинтересираните компании можат да ги поднесуваат своите понуди.
Од Министерството за здравство дополнуваат дека оваа милионска инвестиција не е изолиран чекор, туку дел од поширок процес на суштинско јакнење на системот и дека крајната цел е модернизација на итната медицинска помош и унапредување на оперативната способност за брз и структуриран одговор на здравствениот систем, особено во време на кризни состојби.
