Додека американскиот претседател тврди дека Иран е подготвен да ги исполни барањата на САД, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи доцна синоќа пристигна во Пакистан иако беше отфрлена можноста за директна средба меѓу американската и иранската делегација
Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонско интервју за агенцијата Ројтерс вели оти е убеден дека Иран подготвува конкретна понуда насочена кон исполнување на барањата на Соединетите Американски Држави, притоа најавувајќи ново продолжување на мировните разговори со посредство на Пакистан.
Иако Трамп призна дека сè уште не е запознаен со деталите на иранската понуда, тој потврди дека Вашингтон активно комуницира со врвот во Техеран. Запрашан со кого точно преговараат САД, претседателот кратко одговори дека не сака да открива имиња, но дека преговорите се водат со луѓето кои во моментов се на власт.
„Тие даваат понуда и ќе мора да видиме“,
вели тој за Ројтерс.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, претходно најави дека специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, ќе отпатуваат за Исламабад на разговори со Иран. Според Левит, американската администрација веќе забележала одреден напредок од иранска страна и очекува уште попозитивен развој на настаните за време на преговорите викендов.

Паралелно со американската делегација, во главниот град на Пакистан пристигна и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, а пакистанското Министерство за надворешни работи ја потврди неговата посета, нагласувајќи дека тој ќе оствари средби со високи домашни претставници за да се разговара за рестартирање на мировниот процес. Кратко по пристигнувањето, Арагчи се сретна со својот пакистански колега Ишак Дар во хотелот „Серена“, локација каде што претходно се одржуваше првата рунда разговори со САД.
И покрај присуството на двете делегации во истиот град, од Техеран пристигнуваат воздржувачки сигнали откако портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи преку платформата Икс децидно отфрли каква било можност за директна средба меѓу иранските и американските претставници, појаснувајќи дека ставовите и загриженоста на Иран ќе бидат пренесени исклучиво преку пакистанските посредници.
