„Иако тие податоци не може да се земат како формални бидејќи пациентот не ги пријавува како насилство, но во системот можеме да ги следиме. Доколку пациентот доаѓа со истите знаци и по еден месец или по една година, ние може со оваа услуга да ги пријавиме и од правен, психолошки аспект, да видиме што се случува со пациентот, зошто не го пријавува ова насилство“, рече министерот
Министерот за здравство Азир Алиу денеска на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, каде што се дискутираше за превенцијата и заштитата од семејното насилство, најави новина во здравството со која лекарите ќе имаат можност во системот да евидентираат сомнителни случаи на насилство, дури и кога пациентите не ги пријавуваат.

Според него, здравствениот систем има клучна улога во раната детекција и обезбедувањето соодветна поддршка за жртвите на семејно насилство.
„Иако тие податоци не може да се земат како формални бидејќи пациентот не ги пријавува како насилство, но во системот можеме да ги следиме. Доколку пациентот доаѓа со истите знаци и по еден месец или по една година, ние може со оваа услуга да ги пријавиме, и од правен, психолошки аспект, да видиме што се случува со пациентот, зошто не го пријавува ова насилство“,
вели министерот.
Во таа насока, како што посочи, Министерството се координира и со Светската здравствена организација за дефинирање стандарди за третманот на жртвите на насилство.
Планирано е воспоставување на „уан стоп“ центри во рамките на болниците, каде покрај лекари ќе има и психолози и правници.
„Идејата е да создадеме протокол што ќе има ‘уан стоп‘ центар, кој ќе биде дел од болниците во кои нема да биде само лекарот, туку ќе има и психолог и правник, кој од законски аспект ќе ги третира процесите. Така што, ова се протоколите, кои се стандардизирани, ние ќе ги земеме и ќе ги спроведеме во здравствениот систем“,
рече тој.
Посочи дека искуството покажува оти насилството често се повторува, што ја нагласува потребата од рана детекција и системска реакција.
На седницата беше оценето дека семејното насилство не е само социјален, туку и сериозен здравствен проблем, при што здравствениот систем има клучна улога во препознавањето и поддршката на жртвите.
Во тек е подготовката на програмата за зајакнување на здравствениот систем за 2027 година, со буџет од два милиони денари, која ќе опфати превентивни активности, бесплатни услуги за жртвите, кампањи за подигање на јавната свест и обуки за здравствените работници. Паралелно, се работи на интеграција на центрите за сексуално насилство во јавните здравствени установи и нивно поврзување со електронскиот систем „е-здравство“, со цел подобро евидентирање и креирање политики врз основа на реални податоци.
Како клучни предизвици се посочени потребата од континуирана едукација на кадарот, подобра меѓуинституционална координација, еднаква достапност на услугите и градење доверба кај жртвите.
Целта е создавање систем што не само што реагира, туку и превенира, обезбедувајќи навремена и координирана поддршка за сите засегнати.
