Мицкоски на заедничката прес-конференција со австрискиот канцелар Кристијан Штокер рече дека процесот на пристапување на земјата во Европска Унија се билатерализира и дека државата е жртва на булинг по принципот – ние сме внатре, вие сте надвор, ако сакате да бидете внатре, прифатете ги нашите услови
Од опозицијата сметаат дека премиерот од Виена наместо да придонесе за напредок на евроинтеграциите, го продлабочува застојот во процесот кој трае повеќе од две децении
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска упати критики кон премиерот Христијан Мицкоски обвинувајќи го дека при неговата посета во Виена со своите изјави им нанел штета на државата и на нејзиниот евроинтегративен процес.

Од партијата велат дека Мицкоски, во својот говор од Виена, ја претставил Европска Унија како силеџијка што врши притисок врз Македонија, што, како што посочуваат, претставува дипломатска катастрофа.
„Мицкоски отиде во посета на Виена, главниот град на членка на Европската Унија и ги навреди домаќините, ја направи Европа силеџијка која врши булинг врз Македонија. Оваа изјава не е само дипломатска катастрофа, таа е срам за целата држава. Вели дека тој сè направил“, а процесот станал приказна без крај“,
се вели во партиската реакција.
Во реакцијата се наведува дека премиерот, наместо да придонесе за напредок на евроинтеграциите, го продлабочува застојот во процесот кој трае повеќе од две децении.
„Човекот кој освен конфликти, злоупотреба на службена должност и лично богатење не направил ништо на дипломатскиот план, сега ја затвора вратата на ЕУ таму каде што оди. Процесот за ЕУ трае 21 година. Колку години од тоа време ги украдоа прво Груевски, а сега и Мицкоски? Колку години Македонија стагнира со оваа криминална група ВМРО?“,
прашуваат од опозицијата.
Во партиското соопштение се изнесуваат и низа обвинувања поврзани со состојбите во правосудството, медиумите и користењето на европските фондови, како и за создавање меѓуетнички тензии.
„Наместо да гради европска држава, Мицкоски ја запоседна правосудната власт, ги ограбува ИПАРД-фондовите, воведува декрети за забрана на слобода на говор, ја уништува слободата на медиумите, создава меѓуетнички тензии, граѓаните кои се за ЕУ ги нарекува ‘медиокритети‘ и ‘талог на општеството‘. Сето ова го прави по директива од Москва, за да го запре патот на Македонија кон Европската Унија“,
велат од партијата.
Воедно, од СДСМ прават споредба со Црна Гора и Албанија, кои, според СДСМ, напредуваат на европскиот пат, додека Македонија стагнира.
„Како може Црна Гора и Албанија да напредуваат, а ние да стоиме на место? Исто како и во Србија, каде што поради еден диктатор се замрзнуваат европски средства. Менторот Орбан им падна. Наскоро ќе паднат и овие двајца. Мицкоски лично, и сите членови на оваа организирана криминална група, ќе одговараат“,
пишува во партиската реакција.
На крајот од соопштението, од СДСМ оценуваат дека ваквите политики се во спротивност со интересите на државата и дека за тоа ќе има политичка одговорност.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Виена изјави дека процесот на пристапување на земјата во Европска Унија се билатерализира и дека државата е изложена на притисоци од земја членка. Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со австрискиот канцелар Кристијан Штокер, за можностите за деблокирање на евроинтеграциите, особено по изборите во Бугарија, премиерот кажа дека условите што се поставуваат немаат врска со Копенхашките критериуми.
„Имаме чувство дека процесот се билатерализира и дека сме жртва на булинг по принципот – ние сме внатре, вие сте надвор, ако сакате да бидете внатре, прифатете ги нашите услови“,
рече тој.
Мицкоски нагласи дека стратегиската определба на државата останува членството во ЕУ, но дека граѓаните се фрустрирани од долгогодишниот процес, кој наместо во напредок се претвори во приказна без крај поради билатерални прашања. Потсети дека земјата направила сериозни отстапки во изминатите децении, од промена на знаме и Устав, до промена на уставното име, додавајќи дека нема друг пример во Европа со такви чекори во името на евроинтеграциите.
