Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски на средбата информирал за напредокот во спроведувањето на Планот за раст и Реформската агенда, нагласувајќи ја цврстата посветеност на Владата кон евроинтегративниот процес
Во рамки на работната посета на Виена, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со австриската министерка за Европа, интеграција и семејство Клаудија Бауер.

Средбата се одржа во рамки на владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, при што се разгледани актуелните состојби и приоритети поврзани со европската агенда на државата.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски на средбата информирал за напредокот во спроведувањето на Планот за раст и Реформската агенда, нагласувајќи ја цврстата посветеност на Владата кон евроинтегративниот процес.
„Ја потврдив силната посветеност на Владата на евроинтеграциите и реформите како нивен составен дел“,
напиша Муцунски на Фејсбук.
На средбата е изразена благодарност за континуираната и силна поддршка од страна на Австрија, при што соговорниците се согласија дека проширувањето на Европска Унија претставува геополитичка неопходност за стабилноста и безбедноста на европскиот континент.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на заедничката прес-конференција со австрискиот канцелар Кристијан Штокер во Виена рече дека Австрија е еден од ретките партнери со кои Македонија може да ја претвори економската визија во реалност, не само поради економското присуство, како што рече, туку и поради конзистентноста, сериозноста и разбирањето на регионот.
