„Ова не се секојдневни слогани. Ова е јасна насока. Инвестициите ги гледаме како двигател на промените, промените што носат нова индустрија, ново знаење, нов квалитет, нов стандард“, рече премиерот на заедничката прес-конференција со својот домаќин, австрискиот канцелар Кристијан Штокер
Европа нема да биде силна ако нејзините делови останат слаби, нема да биде стабилна ако нејзините периферии останат несигурни и нема да биде конкуретнна ако нејзините економии не растат заедно. Ова, меѓу другото, го истакна премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со австрискиот канцелар Кристијан Штокер во Виена.

На почетокот од своето обраќање, Мицкоски наведе дека сега е моментот кога Европа мора да избере дали ќе реагира или ќе води, осврнувајќи се на, како што рече, времето на преиспитување во кое живееме, кога сигурноста не се подразбира, зборовите имаат помала тежина, а декларациите вредат онолку колку што сме подготвени да ги спроведеме.
Во такви околности, порача премиерот, ни треба Европа што не чека, туку дејствува и која не се двоуми, туку одлучува. Европа која, како што додаде, не се плаши од конкуренција, туку ја создава.
„Ова е прашање на билатерална соработка, но и на заедничката одговорност. Ние сме подготвени да ја преземеме таа одговорност. Подготвени сме да работиме. Подготвени сме да носиме одлуки. Подготвени сме да испорачаме резултати. И затоа веруваме дека со партнерство што се темели на доверба и конкретни проекти, ќе изградиме нешто што ќе трае подолго од еден мандат, подолго од една криза, подолго од една генерација. Европа не смее да биде само идеја. Европа мора да биде резултат“,
рече Мицкоски.
Според него, Австрија е еден од ретките партнери со кои Македонија може да ја претвори економската визија во реалност, не само поради економското присуство, како што рече, туку и поради конзистентноста, сериозноста и разбирањето на регионот.
Во таа насока, тој рече дека Македонија не сака само да ја одржува оваа соработка, туку таа да биде подигната на повисоко ниво.
„Новото време бара нова динамика. Повеќе инвестиции во производство. Повеќе вложувања во енергетика. Повеќе партнерства во дигиталната трансформација. Повеќе инфраструктура што поврзува, наместо што раздвојува. Енергетската транзиција е тест за сите нас, тест на капацитет, тест на визија, тест на лидерство. За нас, таа е шанса да создадеме економија што ќе биде посилна од кризите и подготвена за иднината. Но, таа шанса може да се реализира само со партнери што размислуваат долгорочно. Затоа ни треба Европа што не чека, туку дејствува“,
наведе Мицкоски.
Разговорот за економијата, трговијата и инвестициите, како што оцени тој, е техничка тема, но и длабок разговор за тоа каква Европа сакаме да изградиме – дали континент што се приспособува на кризите или континент што ги обликува светот и правилата во светот.
„Ние не бараме само странски инвеститори, бараме партнерство, доверба, заедничка визија за тоа каде сакаме да бидеме за десет години. Нашата определба е јасна – да градиме економија што создава, а не само троши, да градиме држава што нуди сигурност, а не неизвесност, да градиме систем во кој работата се исплати, а довербата има вредност. Ова не се секојдневни слогани. Ова е јасна насока. Инвестициите ги гледаме како двигател на промените, промените што носат нова индустрија, ново знаење, нов квалитет, нов стандард“,
рече Мицкоски.
Неговиот домаќин, австрискиот канцелар Кристијан Штокер, во своето обраќање на прес-конференцијата рече дека Австрија и понатаму ќе биде еден од најголемите поддржувачи на патот на С Македонија кон Европската Унија – вистинскиот пат, кој, како што додаде, води кон трајна стабилност и просперитет.
Во тој контекст, канцеларот кажа дека С Македонија била пример за целиот регион долго време и оти не сакаат овој напредок да се изгуби.
Притоа австрискиот канцелар истакна дека пристапувањето на земјава и на другите држави од Западен Балкан во ЕУ мора да биде крајната цел на процесот и истите правила мора да важат за сите кандидати, без брзи и скратени патеки.
Во таа насока тој наведе дека геополитичките влијанија и неизвесноста во глобални рамки, имаат големо влијание поради што, како што посочи, е многу важно регионот на Западен Балкан да не се изгуби од вид, особено не сега.

Проширувањето на ЕУ, рече тој, е најсилниот и најефикасен инструмент за мир, безбедност и просперитет, како и дека шесте држави од Западен Балкан „се парчињата што недостасуваат во европскиот мозаик“.
„Агресијата на Русија врз Украина драматично го промени геополитичкиот пејзаж. Оваа ситуација остави влијание и врз Западен Балкан. Затоа најдобро ќе биде цврсто да се закотват Северна Македонија и целиот регион во нашето семејство – ЕУ. Сега е моментот да размислуваме и да дејствуваме стратешки не само за Северна Македонија туку за целиот регион. Регионот не може да дозволи да го пропушти овој геополитички момент“,
кажа австрискиот канцелар.
Македонскиот премиер е во посета на Австрија со владина делегација во чиј состав се и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа.
