Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче не ја напаѓа содржината на предложените закони бидејќи и самиот знае дека тие се издржани и во интерес на државата. Наместо тоа, велат од партијата, тој креира „вештачка политичка драма“ околу укинувањето на техничката влада

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение одговори на прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за која велат дека е „очаен политички настап“ на човек кој е свесен дека ја губи поддршката и незапирливо тоне.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче не ја напаѓа содржината на предложените закони бидејќи и самиот знае дека тие се издржани и во интерес на државата. Наместо тоа, велат од партијата, тој креира „вештачка политичка драма“ околу укинувањето на техничката влада.
„Денес, кога институциите се стабилизираат и се враќа нормалниот демократски поредок, СДС панично се обидува да го задржи механизмот што им служеше како политички штит“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат на „политичка дезориентација“ кај опозицијата, тврдејќи дека Филипче јавно го признал стравот од изборен пораз со самото тоа што се противи на враќање на нормалноста во функционирањето на државата.
Владејачката партија нагласува дека предложените законски решенија се дел од поширока визија за стабилна и функционална држава.
„Нашата политика не се темели на дневнополитички калкулации, туку на долгорочни системски решенија. Овие реформи ќе бидат реализирани не затоа што некој тоа го сака политички, туку затоа што државата тоа го заслужува“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска упати критики кон предлогот за измени на Законот за владата по скратена постапка, со кој се предвидува укинување на техничката влада. Филипче порача дека државата сè уште не е зрела за ваков чекор и дека власта се обидува да ги партизира сите механизми на контрола.
Лидерот на опозицијата обвини за силен притисок врз судиите и обвинителите, додавајќи дека чувствата на премиерот искажани на собраниската говорница се директна закана врз правосудните органи.
Дополнително, Филипче укажа на „шверцерски“ обид за менување на овластувањата на техничките министри во преодниот период.
Тој смета дека општеството и државата не се зрели за да се спроведат фер и демократски избори.
