Одлуката на косовскиот претседател следи откако беше објавено дека Специјалното обвинителство за Косово во Хаг покрена обвинение против него за воени злосторства
Кабинетот на претседателот на Косово Хашим Тачи попладнево објави соопшение во кое се вели дека тој го откажал учеството на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ што требаше да се одржи в сабота, на 27 јуни, во Белата куќа во Вашингтон, јави МИА од Приштина.
Во кусото соопштение до медиумите, од кабинетот на Тачи наведуваат дека тој го прекинал патувањето за САД и дека се враќа во земјата, што следи по објавувањето на веста дека Специјалното обвинителство за Косово покрена обвинение против него за воени злосторства.
Претходно и Ричард Гренел, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Приштина и Белград, на Твитер објави дека „ја разбира одлуката на Тачи“, но дека средбата на лидерите на Косово и Србија за продолжување на дијалогот, сепак, ќе се одржи и Косово на неа ќе го претставува премиерот Авдулах Хоти.
„Претседателот на Косово штотуку не информира дека го одложи патувањето во Вашингтон, по објавата од Канцеларијата на специјалниот обвинител. Ја почитувам неговата одлука (…) ги чекаме саботните разговори кои ќе се водат од претседателот Вучиќ и премиерот Хоти“,
напиша Гренел на Твитер.
Тачи, заедно со премиерот на Косово Хоти, требаше да учествува на средба во Белата куќа со претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.
Претходно денеска Специјалното обвинителство за Косово со седиште во Хаг покрена обвинение против Тачи, Весели и други лица, кои се товарат за низа злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително убиства, прогони и тортура.
Обвинителството од Хаг објави соопштение во кое се наведува дека на Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, на 24 април им е доставено споменатото обвинение, а дека тоа треба да го потврди судија во претходна постапка.
ЕУ со поддршка за Обвинителството, Тирана за Тачи и Весели
Европската Унија, во својата прва реакција на веста преку портпаролот Петер Стано, изрази поддршка за работата на Специјалното обвинителство за Косово, без надворешни влијанија, но директно не ја коментираше одлуката.
„Владеењето на правото е клучен елемент за напредокот на Косово на патот кон интеграцијата во ЕУ, како и целокупниот ангажман на ЕУ со Западен Балкан“,
изјави Стано за Танјуг.
Во Косово и Албанија реакциите се за целосна поддршка на косовските претставници.
Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај порача дека е убеден оти Тачи и Весели се невини и оти борбата на косовските Албанци против српските сили во 1998-99 година беше борба за слобода.
Поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и доскорешен премиер на Фејсбук напиша дека неговите соборци и соработници од војната „водеа чиста војна, која резултира со слобода и формирање на Република Косово“.
„Албанскиот народ во Косово праведно поведе војна за слобода, по дивата окупација од страна на разните српски режими, која траеше речиси еден век, за да кулминира со режимот на Слободан Милошевиќ. ОВК водеше чиста војна, која резултира со слобода и формирање на Република Косово. Ние веруваме во невиноста на претседателот Тачи, претседателот Весели и на сите наши соборци“,
напиша Харадинај.
И претседателот на Албанија, Илир Мета, се огласи на Фејсбук каде изрази увереност дека обајцата ќе докажат дека се невини, исто како и во случаите со поранешните лидери на ОВК против кои биле покренати вакви обвиненија.
Политички земјотрес
Би-би-си во анализата истакнува дека денешната одлука на Специјалниот суд за Косово е прекин на молкот на најдраматичен можен начин.
Дописникот за Балканот на овој сервис Гај де Лони оценува дека ова е неверојатен развој на настаните, пред се, во однос на начинот на кој е објавена веста за обвинението, посочувајќи дека се работи за прилично затворена институција кон јавноста.
Тој вели дека од основањето во 2016 година, судот не открил буквално ништо за неговата работа и го посочува примерот со поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај минатата година, кој иако самиот кажа дека бил сослушан како осомничен, судот тоа никогаш не го потврдил.
Во однос на случајот со Тачи, де Лони укажува дека судот е основан да ги испита наводите од извештајот на Советот на Европа во 2011 година во кој Тачи беше наведен како водач на криминалната група на ОВК, вклучена во трговија со дрога, оружје и човечки органи.
Во тоа време, Тачи изјави дека извештајот на Советот на Европа соддржи „неосновани обвиненија“ и се закани дека ќе го тужи авторот на извештајот , швајцарскиот сенатор Дик Марти.
И британскиот магазин „Економист“ коментира дека обвинението менува се и го доведува во прашање исходот на средбата во Вашингтон, прашувајќи дали таа со ова однапред е осудена на пропаст.
„Злосторства против човештвото, воени злосторства, вклучително и убиства, присилно исчезнување, прогон и тортура. Се прашувам дали состанокот во Вашингтон сега е осуден на пропаст”, напиша дописникот на „Економист“ Тим Џуда на својот профил на Твитер, оценувајќи дека се работи за политички земјотрес.
Тој во низа твитови објави и линк до веб-страницата на Специјалното обвинителство, додавајќи дека во соопштение се наведува дека судија во претходна постапка во моментот го разгледува обвинението за да одлучи дали да ги потврди наводите и разговорите за повторените напори на Хашим Тачи и Кадри Весели да ја „опструираат работата на судот“.