Реакцијата на ескградоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, следува откако опозициската ДУИ вчера ја обвини власта дека во континуитет таргетира поранешни градоначалници од нејзините редови како Блерим Беџети од Сарај и Фатмир Дехари од Кичево против кои во изминатиот период беа поднесени неколку кривични пријави
Поранешниот струшки градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ ја обвини својата матична партија дека врз него применува двојни стандарди бидејќи не застанала во негова одбрана за кривичните пријави исто како што сега ДУИ ги брани ексградоначалниците на Сарај и на Кичево, Блерим Беџети и Фатмир Дехари.

Во објава на Фејсбук, Мерко вели дека внимателно ги следел изјавите на ДУИ за политички притисок врз Беџети и Дехари и дека се согласува со барањето на партијата за неселективна и еднаква политичка правда. Прашањето што природно се наметнува, додава тој, е зошто овие принципи не важат за сите подеднакво.
„Како некој што е дел од политичкиот живот повеќе од две децении, кој има институционални одговорности и придонесе за важни изборни победи во Струга и во Изборната единица 5, директно го искусив овој двоен стандард. Во неколку изборни циклуси, токму нашата Изборна единица направи разлика во рамнотежата на мандатите. Но, во моментот кога се соочив со судски постапки, недостасуваше поддршка. Напротив, отворено се дистанциравте. Тука се појавува главниот проблем – двојниот стандард“,
пишува Мерко во објава на Фејсбук.
Мерко особено ѝ замерува на ДУИ што застанала во одбрана на високи функционери како поранешниот вицепремиер Артан Груби, кон кого, како што вели, и покрај сериозните обвинувања за корупција, реакциите на партијата биле претпазливи, воздржани, па дури и дефанзивни.
„Сериозните обвинувања за корупција се релативизираат, а се молчи за процесите поврзани со административни одлуки. Обвинувањата против мене не беа за докажана корупција или финансиски криминал, туку за административни прашања и носење одлуки како што се назначување директори или поставување симболи поврзани со албанската историја и идентитет. Сепак, тие беа третирани како проблеми, додека во пракса се дел од институционалниот секојдневен живот во земјата“,
додава Мерко.
Ексградоначалникот на Струга ги поддржува сите поранешни функционери на ДУИ кои се соочуваат со какви било притисоци што може да се сметаат за политички мотивирано, но потенцира дека еднаква правда не може да се бара само во одредени случаи. Не може, вели тој, да има политичка поддршка за едни, а молк за други.
Реакцијата на Мерко следува откако опозициската ДУИ вчера ја обвини власта дека во континуитет таргетира поранешни градоначалници од нејзините редови како Блерим Беџети од Сарај и Фатмир Дехари од Кичево, против кои во изминатиот период беа поднесени неколку кривични пријави.
