На средбата од страна на премиерот е изразена благодарност за силната и континуирана поддршка од страна на САД и е потврдена посветеноста на државата кон вредностите и обврските како членка на НАТО
Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари средба со Метју Г. Витакер, постојан претставник на Соединетите Американски Држави (САД) при НАТО, на која се разговарало за зајакнување на соработката во рамки на Алијансата, како и за актуелните безбедносни предизвици и заедничките приоритети во насока на унапредување на регионалната и глобалната стабилност.

„На средбата ја истакнавме важноста од континуирана координација, партнерство и заедничко дејствување во одговор на современите безбедносни закани“,
пишува Мицкоски на неговиот фејсбук-профил.
Според него, на средбата е изразена благодарност за силната и континуирана поддршка од страна на САД и е потврдена посветеноста на државата кон вредностите и обврските како членка на НАТО.
Средбата, како што се наведува, е дел од напорите за продлабочување на сојузништвото и унапредување на соработката меѓу Северна Македонија и САД во областа на безбедноста и одбраната.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски на средбата со Витакер порача дека државата е кредибилен сојузник во рамки на НАТО, со исклучително високо ниво на инвестиции во процесот на модернизација и опремување на Армијата.
Тој денеска заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, го пречека американскиот амбасадор во НАТО, Метју Г. Витакер, во касарната „Илинден“ во Скопје.
Според него, одбранбениот буџет е во континуиран раст и дека се реализира согласно предвидената динамика, при што 32,5 отсто од државниот буџет се издвојуваат за набавка на нова и модерна опрема.
Нагласи дека државата е на добар пат до 2035 година да го исполни заеднички договореното ниво од 3,5 отсто од БДП за одбранбениот буџет, како и дополнителни 1,5 отсто од БДП за активности и проекти поврзани со одбраната.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, информира дека во тек е вежбата „Блесок 26“, во рамки на која се врши оценување на Лесната пешадиска баталјонска група, при што ја нагласи поддршката од САД и сојузниците за постигнување на НАТО-целите.
На настанот присуствуваа и вршителката на должност шеф на Мисијата на Амбасадата на САД, Никол Варнс, како и претставници на Армијата, Министерството за одбрана и Амбасадата на САД.
