„Токму поради тоа што се јавни пари и поради тоа што здравството бара навистина услуги кои ги нудат здравствените работници, ние не сакаме со ваков тип политики да направиме сензација“, е одговорот на министерот за здравство Азир Алиу, кој гостува во „360 степени“ на МРТ 1
Објаснувањето на Алиу е дека ваквите ситуации ќе се спречат со измени на Законот за евиденции во областа на здравството. Според него, станува збор за вообичаена практика во европските држави која им овозможува на надлежните, во реално време, да имаат увид во сите процеси во здравствениот систем

360°: На консултации на ЕНЕР е објавен нацрт-закон за изменување и дополнување на Законот за евиденциите од областа на здравството. Во тој контекст, како е можно, министре, доктор од јавното здравство да земе месечна плата од 700 000 денари и сето тоа да биде во рамките на правилата и законите?
Азир Алиу: Имаме неколку закони од кои некои веќе се во тек – се работат, други се веќе завршени како драфт-текстови и веќе се на ЕНЕР за консултации со јавноста. Морам да кажам дека сите закони или измени на закони ги правиме заедно со сите засегнати страни поврзани индиректно или директно со работата и процесите на тој закон. Да, тој закон е повеќе поврзан со дигитализација на здравствениот систем, бидејќи навистина сум сигурен и докажано е во светот дека само преку дигитализација вие може да имате информации во реално време, тие информации да се прецизни и да се апстрахира субјективниот момент на докторите.
360°: Оваа информација за овој здравствен работник – претпоставувам дека доктор е во прашање – дека зел толкава плата, а зборуваме за еден месец, прв ја соопшти премиерот од собраниската говорница. Тогаш, меѓу другото, рече – има и такви здравствени работници кои успеале да работат 31 ден во месецот кога има 30, веројатно намерно до апсурд ги доведуваше работите, и ни помалку ни повеќе туку 24 часа. 31 ден, 24 часа без одмор, без пауза, цело време посветени на работа. Е сега, може ли да ни објасните како воопшто се доаѓа до таква плата и тоа во јавното здравство?

Азир Алиу: Васко, значи вака, ние сакаме да се соочиме со проблемите, да ги анализираме добро и да креираме решение на тие проблеми. Знаете дека во моменталната инфраструктура во здравствениот систем и сите закони кои се во сила се нуди можноста секој доктор да работи плус 20% дополнителна работа. Фактички, кумулативно ако гледате, 120% е можно, со закон, секој вработен во здравствениот сектор да може да работи. За жал, резултатите покажуваат дека тоа не е така и ние имаме здравствени работници кои работат надвор од тој процентуален израз – 120% на работната позиција која ја имаат. И веќе се информирани и директорите, институциите кои ги анализиравме и им дадовме извештај. Работиме, вие сами рековте, на измени на законот, сѐ со цел да може да се допрецизираат тие постапки кои, за жал, сега не се доволно прецизирани и овозможуваат злоупотреба на здравствените работници кои работат и повеќе од тие 20%. Имаме случај со здравствен работник кој има 156% надвор од таа дополнителна дејност, значи надвор од тие 100%.
360°: За публиката да објасниме – тоа е во тој некаков паралелен список, во втора смена, како што велат, да може евентуално да добиете операција и да платите за тоа, а во јавното здравство?
Азир Алиу: Тоа се докажа и во неколку земји и го има како позитивен пример, но треба доволно јасно да биде прецизиран и да не може да се злоупотреби. И за тоа веќе наоѓаме решение. Решението е платформа, дигитална платформа која ќе ги следи сите активности поврзани со здравствениот проблем на пациентот, но и сите активности поврзани со здравствената услуга која ја нуди докторот.
360°: Министре, зошто не ни го кажете со име и презиме тој човек и таа клиника? Јавни пари се во прашање. Ние не прашуваме за приватна фирма.
Азир Алиу: Токму поради тоа што се јавни пари и поради тоа што здравството бара навистина услуги кои ги нудат здравствените работници, ние не сакаме со ваков тип политики да направиме сензација. Тоа беше мојот одговор и во првото прашање за кардиологија и кардиохирургија, и во овој случај е истото. Ние сакаме да најдеме решение на моменталната состојба која, мора да признам, во здравството има моменти кога е хаотична. Мора да најдеме решение тие хаотични моменти да ги решаваме и да не биде министерот тој што ќе решава, ќе менаџира со хаосот, туку тој што ќе креира системи и ќе менаџира со доволно јасни системи.
360°: И дали овие измени и дополнувања на Законот за евиденциите во областа на здравството треба да ги донесат овие решенија?
Азир Алиу: Дефинитивно да, и веруваме дека единствен начин е тоа. И тоа се докажува не само кај нас. Само одете, еве не подалеку од Словенија, ќе видите дека здравствениот систем се базира на податоци во реално време. Реално, министрите за здравство треба да имаат контролна табла пред себе во својата канцеларија и дневно да ги гледаат сите процеси во здравствениот систем.

360°: Дали и приватните болници ќе бидат дел од овој систем?
Азир Алиу: Така е, да. Затоа што доктори од јавно здравство можат да одат да работат и во приватни институции… И не само тоа. Јас и на прес-конференција зборував за тоа. Има две работи – зошто досега овој систем е нефункционален. Бидејќи здравствените приватни институции во државата имаат посебни системи за ракување со административните и клиничките процедури кај нив. Ние како јавна здравствена институција и Министерството за здравство, реално гледано, освен бројките на крајот на годината, статистички немаме никаков увид во текот на лекување на нашите граѓани, но исто така и пристапот кон лекување. Затоа јас барав сите здравствени институции да мора да се поврзат со електронскиот систем на јавниот систем, со „е-здравство“, за да може да агрегираме податоци во реално време. За жал, и тогаш излезе законска пречка во еден од членовите на законот каде не беше доволно јасно дефинирано дека приватните здравствени институции треба да се поврзат со „е-здравство“. Го менуваме и тој член и по новиот закон, кој е веќе во процедура, е Законот за здравствена заштита. Со тоа ќе бидат обврзани сите приватно-здравствени институции, во реално време, системот да им биде отворен и преку АПИ ние да ги агрегираме нивните податоци. Тоа ќе придонесе кон транспарентност на работата на приватните институции, но исто така ќе ни даде можност да провериме колку часови нашите вработени во јавните здравствени институции трошат во приватните институции кои се надвор од јавното здравство. Тоа многу ни е важно зашто сакаме да креираме здравствена институција која ќе има доволен број здравствени работници.
360°: Во една пригода ќе речете – имаме ситуација во која има доктори што прегледуваат само еден пациент неделно, а имаме доктори што прегледуваат 100 пациенти неделно. И едниот и другиот се отстапки и тоа не е во ред.
Азир Алиу: И тоа е точно. И едниот и другиот се отстапки, затоа мора да креираме систем во кој товарот на здравствениот систем нема да биде на еден дел од здравствените работници, а другиот дел од нив да имаат други привилегии. Затоа, креираме здравствен систем во кој нема да има можност ни министерот, ни вработените во здравството, ни вработените во клиниките да се скријат, туку да бидат транспарентни обврските кон институциите.
360°: На вашата најава дека сакате да воведете регистрација на работното време на вработените во јавното здравство со „фингерпринт“, дојдоа лавина реакции. Дел од нив се дека почнувате да ги решавате проблемите од покривот, а не од темелите, дека работното време на докторите можеби во часови е законски определено, но треба да биде флексибилно итн. Ќе опстоите ли на таа ваша определба?
Азир Алиу: Да, поради тоа што тоа не е контрола на здравствениот систем и на вработените во здравствениот систем, туку тоа е признавање на работата на здравствените работници.
360°: Ви го разбирам пристапот, тоа ве слушав и во други јавни настапи го кажувате. Но, ако нема санкции, тоа нема да функционира. Вие велите, ова не е за некого да санкционираме. А за што е?
Азир Алиу: Да бидеме јасни, јас верувам во профилот на секој доктор во здравствениот систем. И во секој вработен, и медицинска сестра и техничар. Тоа е професија која нуди секојдневно услуги кон пациенти кои навистина имаат потреба, здравствена потреба. Навистина верувам и во етиката и во моралот и во пристапот кој тие го имаат. Вие сами рековте, отстапките во здравствениот систем вие ги решавате само со систем. Не може да ги решавате со ад-хок политички решенија.
360°: Но, систем што потоа ќе произведува евентуални последици од непочитување.
Азир Алиу: Систем во кој само транспарентноста, е докажано секаде во светот, ги намалува можните злоупотреби, вклучувајќи го и здравствениот систем. Преку таа листа која ќе биде централизирана база во Министерството за здравство, знаете здравствениот систем е критична инфраструктура, ние направивме друг силос на хардвер специјално за оваа намена во кој сите податоци ќе бидат заштитени со закон и нема да може да ги злоупотреби буквално ниту еден зашто новите технологии тоа го овозможуваат. Но, од другата страна, секој од нас транспарентно ќе има во реално време информации што се случува со капацитетите – човечките капацитети во здравствениот систем.
360°: Вие сте ИТ-експерт, фингерпринт може да се лажира?
Азир Алиу: Верувајте дека еден голем дел од директорите, освен што го поздравија, бараат пилот-проектот кај нив да го воведеме. Ние сме мала држава и злоупотребите од типот – отчукување три картички од еден вработен знаеме дека не е исклучок во нашата држава и често се случува. Фингерпринтот не може да се лажира. Има можности, и од фактичка и од техничка гледна точка, секако пробуваат и може сѐ да се случи, но има заштити и ние сме сигурни дека со овој пристап, со дигитализација на работното време… Повторувам, тоа не е против докторите и вработените во здравствениот систем, едноставно е за тој бенефит на здравствени институции, да го почувствуваме сите ние кои живееме во оваа држава. И ви гарантирам дека за кратко време тој систем ќе придонесе за довербата на граѓаните на лекарите и на министерството да се подигне на друго ниво.
360°: И кога ќе го воведете тоа?
Азир Алиу: Тоа веќе е воведено како пилот-проект. Ги анализираме сите процеси кои се во тек. Уште еднаш велам, не сакаме да брзаме. Тој пилот-проект го водиме неколку недели. Можевме да излеземе со решение, готово ни е, да кажеме, но навистина сакаме тој процес да оди чекор по чекор сѐ до моментот на воспоставување во здравствениот систем. Имаме три нивоа на здравствениот систем – примарно, секундарно и терциерно. Се анализира од кое ниво да почнеме за да видиме… Најверојатно ќе има недостатоци за системот да може да се подобри. Затоа во моментот го имплементираме како пилот-проект во две клиники, во две здравствени институции. Ќе почнеме административно да го водиме и во нашето министерство.
